Дома
 


Јасна Котеска

Пред - субјектот е жител на територијата што Лакан ја нарекува имагинарно, а Кристева ја нарекува семиотичко. Разликите во именувањата не претставуваат фундаментална разлика во квалитетот на територијата, бидејќи и за Лакан и за Кристева имагинарното, тоест семиотичкото имаат слични особини. Додека суштествува на територијата на имагинарното/семиотичкото, субјектот има илузија за единственоста.
Илузијата на пред-субјект е мегаломанска илузија, за него: сe и сите на светот се дел од еден единствен ентитет. Тоа значи, меѓу мене (како пред-субјект) и меѓу кој било предмет, појава или феномен од надворешниот свет (од објектот), не постои разлика. Подобро е да се рече, целиот свет сум јас, прото-субјектот. Може да речеме, со извесна доза на наивно упростување, дека прото-субјектот е еден вид Бог, или уште подобро прото-Бог. Кога би можел да зборува за искуствата од прото-субјектната фаза, тој ентитет, со бесконечна авторитарност, би ги повторил зборовите на Христовиот бог, дека тој е во сите нас подеднакво. Овој луд, прото-субјект кој ја ужива грандиозната мегаломанија, на сопствена жал и (можеби) на среќа по другите, истата ќе мора подоцна во животот да ја замени со поскромната позиција на средновековен ренегат, кој, освен во ретките моменти на бесконечна среќа (да се потсетиме на дефиницијата, дека живот е петнаесет минути бесконечна среќа), никогаш веќе нема да смее, ниту да може за себе да каже дека се чувстува како Бог. Ако и по субјективизирањето, сепак продолжи упорно тоа за себе да го тврди, културата ќе се погрижи да биде изопштен како криминоген или патолошки субјект, изолиран и маргинализиран тој ќе биде надвор од тековите на договорената култура, а со тоа и на влијанието врз неа.
Ентитетот кој постои во семиотичката фаза, Кристева го именува како лидално, архаично дете. За прото-субјектот реалноста е самиот принцип на уживање - никогаш подоцна овој субјект нема да може да го каже она што би го рекло детето од семиотичката фаза: дека единствената реалност е моето сопствено уживање, затоа што не постои систем на норми и вредности, не постои поредок когошто јас го загрозувам со моето уживање. Постојам само јас и во него моето уживање. Иако не постојат разлики во квалитетот на територијата населена од прото-субјектот, кај Кристева има инсистирање, дека илузијата на единственоста, што ја дефинира за првпат Лакан, се однесува на мајчинското тело. Тоа што мене како прото-субјект ми ја дава идејата за единственост на сe во светот, според првата фаза од творештвото на Кристева, е врската со мајчинското тело. Во втората фаза од нејзиното творештво, освен врската со мајчинското тело, таа го воведува и принципот на Имагинарниот татко, за што ќе стане збор подоцна, а што е концепт кој треба да преставува критика на Фројдовиот поим на заканувачкиот и кастрирачки татко.
  Едно е јасно, и за Лакан и за Кристева, процесот на субјективизација завршува кога субјектот влегува во симболното, тоест во светот на Законот/Таткото/Јазикот.
Да се вратиме на нечистото. Кристева се согласува со тоа, дека секој прото-субјект еднаш ќе стане субјект, ќе влезе во поредокот на закони, јазик и смисла, но никогаш нема да заборави на својата пред-субјектна фаза. Нема да заборави на тоа, дека еднаш бил жител на семиотичкиот простор. Тоа што нема да му даде да заборави е токму - самиот абјект!
Со други зборови, субјектот ќе остане засекогаш подвоен: тој ќе има меморија за имагинарната, пред-субјектна фаза, но едновремено ќе продолжи да живее во симболниот универзум на културата, бидејќи друг универзум за него - нема. Целокупното искуство на субјектот во јазикот, на тој начин станува искуство на недостаток и искуство на желба. Јас од пред-субјектната фаза помнам дека некогаш имало територија, во рамките на која сета реалност била реалноста на мојата желба. Јас, субјективизираната, вклучена во поредокот, кој означува, употребува, дава и произведува смисла, се сеќавам на илузијата за единственоста. По тој пат, кај секого од нас се формира недостатокот (на илузијата за единственоста) и бесконечната желба (по илузијата за единственоста). Желбата никогаш не може да се задоволи, бидејќи самата суштина на субјективизацијата подразбира принцип на расцеп, подразбира дека илузијата за единственоста мора да исчезне. Моето согласување со поредокот значи согласување на тој расцеп. Тој расцеп, во зависност од тоа колку се сеќавам, колку сум се субјективизирала, помалку или повеќе, ќе остане генератор на чувстото на разлика меѓу мојата далечна меморија за единството и мојот тековен недостаток од истото. Во тој расцеп ќе продолжам да функционирам бесконечно долго, практично засекогаш.
Но, семиотичкото има способност да навлегува во симболното. Од време на време, различни лични состојби, и различни културни случувања, различни феномени и појави од тој свет, во и вон мене, ќе ме потсетат на семиотичкото, на состојбата на сеопшто дозволеното и остварено уживање. Тие состојби, за кои ќе го дадеме името абјектни, ќе доаѓаат од еден терен кој останал на меѓупозицијата. На меѓу-позицијата помеѓу прото-субјектот и субјектот, помеѓу семиотичкото и симболното. Кај Кристева, таа меѓу-територија се вика тетичко. Тетичкото е онаа територија, на која се разнишува дихотомијата субјект – објект. Тетичкото е онаа територија, од која се генерира абјектот, зазорот.
Претходна
Следна
 
1 2 3 4 5 6
Hosted by www.Geocities.ws

1