| Пазарење
Се сеќавате ли на анегдотата
која ја раскажува Кант за еден маж, кому му е дадена можност
да води љубов со жената на неговите соништа една ноќ (станува
збор за остварување на ултимативното уживање), но цената што
мора да ја плати е: веднаш по љубовната ноќ, на излегување
од собата, да биде обесен? Кант прашува: што ќе направи овој
љубовник - ќе влезе во собата на уживањето или ќе се откаже
од сексот од соништата? Кант вели, тој секогаш ќе се откаже.
Човекот на Кант има капацитет да се испазари со светот - ќе
се откаже од своите големи побарувања, со идејата, дека, понатаму,
по патот на животот, ќе го чекаат други, макар и помали задоволства.
Лакан се сомнева во сигурноста, со која Кант ја одбива можноста
од самоубиственото водење љубов. Има случаи, вели Лакан, во
кои бирам уживање без да водам сметка за балансот во универзумот,
дури и без да водам сметка за цената, што треба да ја платам,
ако цената е сопствениот живот. Како поинаку да се објаснат
случаите на злоупотреба на дроги, дури и без аспектот на зависност,
а при тотална свесност за големината на платената цена, а
таа е сопствениот живот? Невротичарите често одбираат да ги
повторат болните искуства (компулсивна репетиција), вели Лакан,
и го поставува прашањето: што е со невротичарот, кој може
да ужива во сексот, само доколку знае, дека после тоа, го
чека една значајна, моментална закана?
Меѓу двата вида избор, очигледно, има разлика. Кога субјектот
бира задоволство, кое води сметка за балансот на загубата
и добивката, практично, кога субјектот се пазари за задоволството,
тоа е еден вид задоволство. Сосема друг вид задоволство е
кога субјектот не води сметка за економијата на загуба, а
кога изборот руши некаков или секаков вид забрана. Вториот
случај на задоволство, очигледно стои од онаа страна на задоволството,
и за него Лакан го воведува терминот уживање (со него веројатно
најтесно можеме да го преведеме она што Лакан го подразбирал
под jouissance). За разликите на очекуваното уживање и оствареното
уживање, Лакан зборува на семинарите во 1972-1973.
Кога љубовникот нема да влезе во собата, Лакановското остварено
уживање, или она, што во првиот случај го наведовме под името
задоволство, е исто со Фројдовскиот принцип на задоволство.
Задоволството кај Фројд е економска категорија, таа ги проценува
загубите од можните добивки, го максимализира задоволство,
но само дотаму, до каде што досега минимализираната болка.
Егото, како што би рекол Фројд, се пазари со реалноста во
корист на идот. Лакановиот jouissance е од онаа страна на
пазареното задоволство: тоа е уживање, кое веќе не ја користи
посредничката улога на Егото во пазарењето со принципот на
реалноста. Обратно, субјектот вообичаено ја трансцендира сопствената
сензуалност, за да може да опстои во Реалното. Таа трансценденција
значи, дека субјектот секогаш ќе одбере да ја избегне анксиозноста
која произлегува од инсистирањето на продолжено задоволство,
кое не би водело сметка за балансот корист/штета.За ова опширно
пишува Лакан. Тоа што овде не интересира е едно генеричко
прашање: кога и како се конституира Поредокот, во кој субјектите
се претвораат во пазарџии (трговци) со сопственото задоволство?
Значи не го поставуваме Кантовското прашањето (дали некој
од нас би влегол во собата на ултимативното уживање, без да
води сметка за цената што ја плаќа, а таа се состои во жртвување
на сопствениот живот), туку, го поставуваме генеричкото прашање
- како се случило тоа, субјектот воопшто да се конституира
како некој којшто ќе се обиде да се испазари со светот, за
своите задоволства, а, при тоа, да плати што е можно помала
цена на страдање? Со други зборови: од каде потекнува концептот
на пазарџиски
|
|
Поредок?
Во одговорот на ова прашање, ако така може да се каже, се
крие суштината на Фројдовиот Едипов комплекс. За детето не
постои значајната, моментална закана, за него, не постои јажето
на излезот од собата на бесконечното уживање. Секое дете од
пред-Едиповската фаза, со други зборови, е Кантовиот ултимативен
љубовник.
Ако е така, зошто, тогаш, детето ја напушта логиката на бесконечното
уживање? Тоа прашање си го поставувал и Фројд и одговорил
- заради Едипов триаголник. Конституирањето на личноста се
одвива преку она, што Фројд го нарекол успешно прераспределување
на либидалните енергии во емотивниот јазол. Емотивниот јазол,
според Фројд, е "успешно" премостен тогаш, кога
детето сфаќа, дека треба да ја напушти желбата за поседување
на мајката. Тоа лишување од желбата-за-поседување-на-мајката
ќе му овозможи на детето влез во Симболниот поредок, како
поредок на симболи, јазик, култура, тоест како поредок на
Таткото. Во фазата, кога го живее "јазолот" (машкото)
дете не знае, дека добивката ќе биде толку голема (влез во
културата), во дадениот момент, детето само знае, дека треба
да го премости стравот од кастрацијата, која, според аналитичкиот
материјал, детето ја чувстува како акутна, а која, според
него, потекнува од Таткото како закана. За да го надмине стравот,
детето решава да ја напушти (да ја предаде, како што би рекла
Димишковска) мајката, а, за возврат, да ја добие влезницата
во светот на културата. Отсега па натаму, (машкото) дете ќе
му ја препушти мајката на таткото, а самото тоа ќе се надева,
дека, кога ќе порасне, ќе стане татко на местото на Таткото
(во разни модерни обработки, оваа крилатица добива бројни
едиповски верзии, на пр. во познатиот стрип со Изногуд, максимата
"калиф наместо калифот") и ќе ги ужива сите задоволства,
кои му се достапни на таткото.
Тоа е првиот Пазар, што секој субјект ќе го направи со светот
и со себе. Ако ја следиме школата на Леви Строс, која вели,
дека културата е размена на жени, тогаш Едиповиот триаголник,
како прв Пазар, хронолошки точно се совпаѓа со фазата, во
која за секој субјект "почнува" културата. Бидејќи
културата точно се зачнува во оној момент, кога детето се
откажува од желбата да ја поседува мајката.
Не велиме, дека е тоа лош избор. Но, теоријата на абјектот
остава една нејасна свесност, дека не сме ниту генерички футуристи,
кои би можеле да знаат на што би личела нашата култура, доколку
субјектот остане(л) врзан за првобитната љубов кон мајката
(не велиме, исто така, дека, за некои субјекти, оваа врска
не останува да биде највиталната врска во нивните животи).
Иако, кога ќе кажеме така, ова добива шегобијна вредност и
станува легенда, која (едвај!) исполнува (сепак!) бројни страници
на текстовите од популарната култура, која се занимава со
машко-женските односи. Едвај, затоа што таа шега не се потпира
на некое посериозно психоаналитичко промислување, а сепак
- затоа што очигледно е, дека опсесијата со и околу мајката,
не престанува да биде важна за современата култура. Со други
зборови, врската со мајката никако не е неважна и никако не
е сосема завршена во рамките на Едиповската фаза. Таа врска,
на фантомски начин, упорно се враќа во нашите секојдневни
животи, и тогаш кога мислиме, дека таа исчезнала или дека
и се изгубила секаква психичка вредност. Фантомскиот начин,
кој редовно ја возобновува изгонетата врска, е, всушност,
самиот феномен на абјектот. |