Дома
 


Јасна Котеска

текстов е извадок од сè уште необјавената книга на Јасна Котеска
„Инаугурирање на санитарната енигма“

Анализирајќи го тензичниот однос меѓу културата и субјектот, во статијата Нелагодност во културата (Das Unbehagen in der Kultur) Фројд за првпат, експлицитно и од психоаналитичка перспектива, проговорува за проблемот на чистото. Меѓу дефинирањето, определувањето и опишувањето на културата како а) склоп на институции, постигнувања и практики кои овозможуваат совладување на природните стихии и организирање на животот на луѓето во заедници и б) изразеното својство на луѓето да негуваат повисоки стремежи за интелектуален и психички (уметнички, научен и технички) развој, Фројд во редот на културните обележја, а како еден вид трета дефиниција за културата ја наведува потребата на човекот за убавина, чистотија и ред.
Овие три карактеристики меѓутоа му се чинат различно транспарентни, разбирливи и достапни за психоанализа. Потребата на луѓето за ред, Фројд несигурно ја доведува во врска со небесната совршена хармонија (која, за него нема метафизичките конотации), а е важна заради психичката економија. Ако редот подразбира извесна дневна рутина, ритуализирањето на активностите им помага на луѓето да не трошат секојдневна енергија за совладување на колебливоста и спротивставените нагони. Потребата за убавина Фројд ја допира само попатно. За Фројд на почетокот на векот е нејасно, зошто еден предмет се перцепира како допадлив; тој знае дека допадливото се сели од доменот на договорното и консензусно, кон теренот на субјективното и субјектовата перцепција (поглед), но оттука натаму нема начин да даде психоаналитичко објаснување кое ќе произлегува од релевантните психички процеси.

  Најинтересна е мистеријата на чистото, таа темна енигма, пред која сосема отворено признава дека неговите аналитички способности капитулираат, тоест дека таа за него останува опскурна и значенски "извалкана". Кај потребата за чисто, тој сепак препознава една важна (подоцна ќе видиме дека таа е единствено статистички релевантна), утилитарна функција: чистото како телесен феномен има хигиенска вредност. Сместувајќи ја енигмата на чистото близу до утилитарноста, за разлика од убавото кое е ларпурлартистичко, Фројд сепак не бил ништо поблиску до откритието на нејзината психичка оправданост. Знаејќи дека мистеријата наречена хигиена, на која се темели добар дел од нашите културни практики, мора да има подлабоки корени, на крајот едноставно признал: "Корисноста сепак не ја објаснува во потполност таа тенденција (за чисто, заб. моја), мора да е нешто друго во прашање".
По тој пат, во психоаналитичките кругови била инаугурирана една, да ја наречеме, санитарна енигма, теориска криза по прашањето на хигиената, која секако најмалку можела да биде решена од првата генерација пост-Фројдовци, која е самата обележана од силен зазор кон дупките, валканиците и дилемите во самата Фројдова доктрина, и која сета своја работна енергија ја насочила, како вели Лакан да ги заѕида "процепите" во неговата сопствена теорија. Оваа генерација протетичари, ортопеди и ѕидарски работници, засенета од грандиозноста на својот ментор и градител, не успеала да ја види единствената валидна вистина што секојдневно ја предавале и ја практикувале под крилатицата психоанализа: дека, имено, не во она што се кажало, туку во она што се премолчило лежи тајната на она што се побарува, по што се трага, дека одговорите треба да се бараат не во ѕидот, туку во дупката, процепот, празнината на тој ѕид, во тие процепи кои Фројд ги препознал, но кои немал време, знаење, отвореност, или немал храброст да си ги одговори.

 

Следна
 
1 2 3 4 5 6
Hosted by www.Geocities.ws

1