Дома







Пунктови 
Тргнувајќи од тоа дека, меѓу другото, Скарбо треба да претставува и еден вид хронолог на најновиот поетски (и културен) бран, тука се претставени некои од најважните пунктови, неодминливи при секој напор сериозно да се пристапи кон проучувањето на соодветниот книжевен материјал. Овој текст, што е тука приложен може да се смета и за проширување на едно од јадрата на воведот кон антологијата „20.млади.м@к.поети.00" на Лидија Димковска. Таму таа вели: „Би сакала да ги потсетам постоечките и можните историчари, критичари, проследувачи на македонската книжевност (во случај да нè земат предвид во наредните истории на македонската книжевност) дека:..." – и сосема накусо наведува некои од позначајните феномени од најновите книжевни случувања (сè уште не можеме да ги наречеме историски).
Самите автори и нивните комуникации, критичарите, есеистите, мислителите и промислувачите, сите оние што се актери во таа драма на книжевниот живот, претставуваат битни сегменти на културниот амбиент во кој се создава(ни)(ат) артефактите.
  Тука спаѓа, секако, и поширокиот културен и општествен контекст, но тоа не спаѓа во доменот мојава опсервација. Покрај актерите, кои се претставени во останатиот дел од Скарбо, постојат и појавите – она што тука го нарековме пунктови. Тоа се литературните здружувања, заедничките проекти, издавачките куќи отворени кон најновите струења и слично. Сето она што е неизоставен дел од извесноста на понатамошниот живот на едно литературно дело, неговото објавување, конзумирање, фидбек и преработка од културната средина.
Познавањето на овие пунктови во главата на идниот проучувач ќе создаде една поправилна слика за значењето на некои од индивидуалните опуси на авторите застапени на Џуџево. Секако дека во набројувањето и информирањето за пунктовите ќе направам некои грешки и пропусти, но тие секогаш ќе бидат поради невозможноста да се знае сè и секогаш, поради непостоењето временска дистанца (зашто некои работи се случуваат и додека пишувам). Поради тоа си го земам правото овој текст
да го прогласам за незавршен и некомплетен, зашто таков е и неговиот предмет.

Hosted by www.Geocities.ws

1