Дома
 


Јасна Котеска

Меѓу другите, прашањата на Кристева гласат: зошто преку чистото ние ја именуваме, ја дефинираме и ја перцепираме нашата култура? Зошто таа култура преку практикување на ритуалните на чистото се прогласува за повисока од натурата, значи поцивилизирана, покултивирана, попродуховена и, конечно, подостоинствена форма на постоење?
Што велеа речничките дефиниции на абјектот, а што почна Кристева да подразбира под овој термин? Како воопшто абјектот стана концептуално важен за исчитување на психичката динамика на чистото, и зошто, потоа, чистото воопшто беше важно за културниот идентитет и за субјективните прашања, важни за секој еден од нас? Во речниците, абјектот означуваше нешто презрено, подло, ниско, значи нешто што малку имаше директна врска со физичката нечистотија, а повеќе асоцираше на морален, културен, социолошки пад. Во Оксфордовиот речник на англиски јазик (1990), терминот абјект се толкува на три начини: 1. terrible, extreme situation (ужасна или екстремна состојба); 2. complitely without pride or dignity (целосно без гордост или достоинство); 3. very poor, completely without success (многу ниско, тотално без успех). Соодветно, во српскохрватско-англискиот и англиско-српскохрватскиот речник на Обод Цетиње зборот абјект е преведен како презрен, подол или низок; или, соодветно, во македонско-англискиот и англиско- македонскиот речник на Зозе Мургоски (2000 година) зборот абјект е преведен како: презрен, подол, подмолен, понизен, беден.
Сега тоа значи дека номиналните речнички форми го регистрираат она значење што зборот абјект го има во секојдневниот говор, а тоа е нечистото во морална смисла. За теоријата на толкувањето, литературната наука, науката за медиумите, естетиката, современата психоанализа и родовите студии, зборот абјект од 1980. години почна да се исползува во она значење што го воспостави Кристева.
За Кристева абјектот како теориски апаратус, точно подразбира цел сет етички, културолошки, социолошки конотации, а не само физички, значи тоа не се однесува како антипод само на физичкото чисто, но него не го исклучува. Кристева не изврши поместување само во смисла на дисциплината или програмската област која го третира абјектот, туку и во смисла на поместување на самото (речничко) значење на абјектот како презрено, подло и ниско. По 1980 година кога беше објавена книгата на Кристева, а особено по англискиот превод на Моќта на ужасот: есеи за абјектното од 1985, зборот абјект се здоби со низа дополнителни значења, кои нему му придодадоа извесни амбивалентни и оксиморонски значења, а кои значења беа директно изведени од концептуализирањето на овој термин, што го изврши наведената книга на Кристева.
Како што се рече, луѓето, освен по бројни други прашања, генерално се разликуваат по однос на тоа дали нечистото го искусуваат како етички еквивалент на падот и корумпираноста. Како што за некои луѓе нечистото е стигматизирано и мора да биде совладано, така за други луѓе нечистото е прифатливо и дури допадливо, е чин на исчекор кон моралната доблест наспроти стерилноста на моралниот ужас. Како што за едни чистењето е чин на исчистување на грижата на совеста, така кај други луѓе со чистото се инаугурира цел сет чувства на вина, грижа и потреба од "валкање". За едни, извалканата, неуредна судбина е дел од пеколот на овој свет.
  Да се потсетиме на босанскиот писател Иво Андриќ, добитник на Нобеловата награда за литература, кој во својата легендарна збирка записи Знаци покрај патот ги објави овие мисли: "Луѓето во касабата се брбливи, брутални и глупави, а животот е смрдлив и пуст, полн со беда и комичност, Гогољевска комичност… Во мене е мирна мислата - да се работи, да се престигнат останатите (о, тоа требаше одамна), а во себе да се живее свој живот. И јас - а тоа е прв чекор, ќе почнам да работам математика. Сe повеќе верувам во својата снага. Треба да се надополни тоа што се испуштило… Гледајќи ја околу себе очајната грдотија и многукратните и тешки последици на нередот и безволноста, се зареков дека ќе работам со мисла и со раце, за себе и за другите, секогаш и секаде, но ќе работам. Така што трајно ќе живеам во плодно движење и корисни промени, се зареков дека ќе се бранам себеси и своето место на кое живеам од неред и нечистотија, од застој и немаштија". За Андриќ, гледаме, етичките димензии на бруталност кон себе и кон другите, како и културните димензии на застојот и немаштијата се врзани директно со чувството за неред и нечистотија. Битката против неетичноста и нецивилизираноста, значи, започнува со битка против нередот и нечистотијата.
За други луѓе, меѓутоа, совршениот ред е пеколот на овој свет. Еден друг босански писател, кој се прослави со книгата Сараевско Марлборо - портрет на времето од Босанската војна (1992-1996), Миљенко Јерговиќ во женското списание Космополитен (мај, 2003), значи, во списание кое е наменето за културно инаугурирање на чистото и уредното, објави есеј во кој редот и чистотијата ги опиша како синонимни за застојот и етичкиот пекол. "Мојот прв сосед во Сараево беше стариот професор од Економски факултет, никогаш не се женеше, а неговиот дом беше најуредниот од сите во кои дотогаш сум влегол. Како дете, ме плашеше тагата на тој стан. Паркетот смрдеше на старинска, главоболна хемикалија, прозорските стакла беа така исчистени што се чинеше дека ги нема, намештајот светеше - без отисок на ниеден од десетте професорови прсти. Беше тоа призор на совршена осаменост. Во неговиот стан одев еднаш месечно - му ги носев сметките за вода и струја, а за возврат ми подаруваше чоколадо замотано во бела хартија и Фрукталов сок на цевче. И тој ритуал зборуваше за неговата уредност. И за мојата алчност - до солзи ме доведуваше ако некој друг му ги донесе сметките. Кога почна војната, професорот, всушност без причина, го напушти Сараево. Умре во колективното живеалиште на бегалскиот центар, некаде во Источна Босна, сред нередот на туѓите судбини. Неуредноста за него, верувам, беше најлошата казна. И не знаеше, несреќникот, дека за други, уредноста е пекол од истиот вид."
Начинот на кој Кристева го инауругираше абјектот, практично, психоаналитички ги обедини овие две перспективи - и одбивноста, и привлечноста на феноменот на нечистото. Ако дотогаш абјектот означуваше презрено, сега означуваше и привлечно; ако дотогаш беше подло, сега значеше и свето; ако дотогаш беше само ниско и презрено, сега беше и високо и просветлувачко.
Претходна
Следна
 
1 2 3 4 5 6
Hosted by www.Geocities.ws

1