Дома
 


Јасна Котеска

Илузија за единственоста

Кристева го конструираше абјектот како она место помеѓу потсвеста и свеста, каде на една локација и во исто време, се среќаваат внатрешното и надворешното (моите внатрешни нагони и надворешните феномени), она место каде се допираат архаичното и современото (анималното и културалното), заради што оваа состојба не може да биде само одбивна, а може само да биде истовремено привлечна и одбивна.
Ова двојно толкување не значеше бришење на значењата на одбивното и привлечното, замаглување на нивната граница, туку значеше респектирање на фактот дека во мене двете чувства не се потиснуваат едно со друго, туку може да постојат паралелно. Инаугурирајќи ја оваа теориска одредница, Кристева не сака да каже дека сега овие два феномена не постојат на две различни места, туку сака да каже дека меѓу нив постои меѓу-простор, кој иако виден или почувстуван, досега останал нетематизиран.
Тој меѓупростор беше точно онаа точка која ја видел Фројд како пукнатина на несвесното - значи како точка што сe уште не е свесна, но веќе не е ниту несвесна. Онаа точка која пост-Фројдовците сакаа да ја заѕидаат, затоа што таа зборуваше за премин, а тие зборуваа за територии на посед.
Како поинаку да се објасни на пример, амбивалентноста која ја имаме по многу територијални прашања, врзани за феномените на ред и неред. Многу од нас, на пример, може исцело да се согласат со теориските постулати на глобализацијата, како зајакнување на човештвото, претворање на сите луѓе во една единствена, рамноправна глобална сила, која веќе не се разјадува со меѓусебни војни и конфликти, туку стреми да стане етичка формација, ѕвездена сила, која ќе ги истражи просторот и времето и ќе го хуманизира космосот. Но, зошто тогаш сите визии за глобалниот живот, Хакслиевиот Храбар, нов свет, Ние на Земјатин, 1984 на Орвел, кога зборуваат за унифициран и нормиран свет, свет на ултимативен ред, ја опишуваат чистотата како стерилност, хигиенска несетилност и контрапункт на нашето сопствено доживување на човештвото? Не станува збор само за нивелирањето на културните разлики, туку и за исчистувањето на различностите, на културните валканици и племенската смрдливост, станува збор за изгонувањето на (културно, а со тоа и физички) нечистото од нашите животи. И за воведувањето ултимативна, погубна Орвеловска чистота. Територијата на чистото, очигледно е лесно манипулирана територија, територија на секогаш веќе однапред инаугуриран посед. Чистото секогаш има газда, кој го стопанисува. Чистото потребува економи кои ќе го работат, и тоа е секогаш веќе домен на економијата на субјектите.

 

 

Зошто? Кристева од Лакан се исползува со терминот Симболно за да го опише светот на културата, институциите и јазикот. Симболното или Симболниот поредок, според Лакан, е поредок воден од Таткото (затоа наречен и Татковски поредок). Тој е склоп на патерналиистички законски структури, јазична практика и лингвистичко означување, поправо е име за патријархалниот универзален принцип на кој почива целата култура. Треба меѓутоа да се рече дека за Лакан, иако означува склоп на патерналистички структури, институции и закони, Симболното не е идентично со она што ние најпросто го нарекуваме Реално. Симболното е исто така имагинарно, тоест да го наречеме пост-имагинарно (бидејќи е различно од имагинарното на пред-субјектот), а такво е оти е место на означители, а не на референти.Овој (пост)имагинарен поредок, а оттука и можноста за култура, значи можноста за креација на закони и можноста од јазик кој има смисла тоест создава значење, според Лакан, потекнуваат од репресијата на либидалните нагони, вклучувајќи ја тука пред сe репресијата на радикалната зависноста на детето од телото на мајката. На таа точка што ја воочи Лакан, на точката на врската нечисто-мајчинско, абјектот, а со тоа и чистото, за првпат ќе добијат свое психоаналитичко толкување, кое опсежно ќе го проучи дури Кристева.
Интересно за нас, македонската филозофка и поетеса, Ана Димишковска –Трајаноска (1971), во песната Предавство од збирката Соцветие (1994) со одлична интуиција го чини истото што и теоријата на Кристева, кога принципот на влез во светот го дефинира точно како принцип на изневерување на мајката:

"Прво
го предаваш небитието
заради мајка ти
Потоа
ја предаваш мајка ти
заради светот."

Според Лакан, значи, а да се послужиме со терминот на Димишковска, од небитието кон состојбата на (о)свес(т)ен субјект, секој од нас минува низ една фаза која се вика фаза на пред-субјектот. Пред-субјектот е состојба пред влезот во Симболниот поредок, во поредокот на Таткото, а трае од раѓањето па сe до Едиповската фаза (значи, најдоцна до 3-4 година од животот). Кога сум прото-субјект, пред-субјект, јас (тогаш, всушност, "јас" сум еден вид пред-Јас) сe уште не сум субјект, иако веќе не сум ниту небитие.

Претходна
Следна
 
1 2 3 4 5 6
Hosted by www.Geocities.ws

1