Дома
 


Јасна Котеска

Затоа пак хигиенската дилема била воскресната во последните децении на минатиот век, во една друга традиција и од друга генерација, чија решеност да го обнови Фројд, а со тоа и сопствените увиди во идентитетните прашања, застанувајќи таму каде што Фројд ги допирал симптомите, а не таму каде што ги давал дијагнозите, од тогашна перспектива било еднакво скандалозно како и револуционерно. Станува збор за школата на Жак Лакан, која ширејќи се неортодоксно, преку неговите познати семинари, на кои метафорично, поетски и опскурно им се обраќал на слушателите, истите оние што во прашањата од крајот на лекциите покажувале понекогаш комично не(до)разбирање на неговите доктрини, всушност од светот побарувала отворање за идејата на процепот, развивање на чувството дека во таа дупка од која истекува сета содржина на несвесното, лежат одговорите на нашите неразјаснети дилеми.
Таа школа, по половина век, имаше повторно сила да ја обнови санитарната дилема. Лакановата наследничка, Јулија Кр(и)стева, бугарска теоретичарка која во Франција го најде својот траен азил, и која иако не беше директна ученичка на Лакан, во голем дел од своите дела од 1980-тите директно се ползуваше со Лакановите концептуални алатки, ја возобнови темната енигма на чистото во својата книга Моќта на ужасот: есеи за абјектот во 1980 година. Оваа книга, за која ќе стане збор во оваа студија, претставува епохален пресврт во психоаналитичките толкувања на идентитетот, допирајќи го она порозно место на кое едно либидално, архаично дете станува субјект и влегува во светот на културата. Оваа книга не нуди само оригинален поглед за нашиот анксиозен однос кон културата, за нашата немоќ да ? се потчиниме докрај, како и за нејзината немоќ докрај да нe апсорбира, инкорпорира и конечно да нe асимилира. Во Моќта на ужасот Кристева практично на светот на уметноста и уметничките толкувања, му понуди теориски инструмент и концептуален апаратус за читање на новата уметност, со што нејзината книга стана централна за неколку дисциплини, како што се литературната теорија, естетиката, родовите студии, и секако таму каде што најмногу се ситуираше себеси - за психоанализата. Веќе насловот на книга Моќта на ужасот: есеи за абјектното, го скри антиподот на чистото - абјектот, кој Кристева го презема од дотогашниот речник, бидејќи зборот абјект веќе постоеше во говорот, но од таму преземајќи го, таа му додаде сосема нови конотации кои дотогаш речничките дефиниции за абјектот не ги регистрираа. Практично од абјектот, Кристева направи оперативна концептуална алатка/категорија, со која сега веќе можеше да ? се пристапи на Фројдовата загатка: од каде човековата настојчива потреба за чистото?
Навистина, од каде потребата за чисто? Можеби припаѓате на онаа група луѓе за кои чистото е императив? Но, дури и вашата дневна рутина да не може да се замисли без бришење прашина, миење садови, генерална хигиена на телото и просторот, тешко е веројатно дека причините за таа потреба ви се повеќе транспарентни, отколку што на другите луѓе им се интелигибилни причините за сопственото толерирање на нечистото.тешко е веројатно дека причините за таа потреба ви се повеќе транспарентни, отколку што на другите луѓе им се интелигибилни причините за сопственото толерирање на нечистото.
  Опсесијата по чистото често оди заедно со желбата за ред - за голем дел од луѓето, имено, чистењето е синонимно на ред, па во чистење подразбираат и средување, враќање на предметите на своето место, и покрај нејасното прашањето: што е свое место за еден предмет? Но, едно е јасно: ако без голема грижа на совеста ги практикувате ритуалите на чистота, или ако ги изведувате токму за да ја надминете грижата на совеста, секако припаѓате во групата на социјализирани луѓе, бидејќи културата и нејзините институции работат на наметнување грижа на совест во врска со нечистото. На тоа упатуваат сите сегменти од културата кои се занимаваат со пласирање готови модели за исправен живот, а највидливи се во рекламите, кои се натпреваруваат во заситување на пазарот со производи што успешно помагаат во битката против валканото. Со други зборови, конвенционалната култура ги санкционира своите жители да веруваат дека вредностите на чистото се дел од навиките на цивилизираните луѓе. Постои и обратна група луѓе кај кои чистењето предизвикува грижа на совеста. Ова чувство иако воопшто не е ретко, за жал, не е воопшто поддржувано од институциите на културата, вклучувајќи ја и црквата, па на оваа група луѓе им преостанува немо да ги изживуваат своите спротивставени нагони по прашањето за валканото, бидејќи културата одбива да им ги канализира. Жените особено ја негуваат навиката за чисто - во животот на еден хетеросексуален пар, статистички е многу почесто жената да стои на браникот на хигинеските навики, а мажот да има лежерен, рамнодушен, а понекогаш и агресивен однос кон чистото. За многу жени, бришењето прашина е дел од ритуалот на себеочистување. Чистењето заради нервоза или невроза е чест тип на женска борба против анксиозноста. Ваквите навики не се случајни. Во книгата Чисто и опасно, Мери Даглас за првпат фрли антрополошки поглед на овие прашања: "Апсолутното нечисто не постои, тоа настанува во окото на набљудувачот."-напиша таа - "Ние не се снебиваме пред нечистото заради страв, уште помалку заради ставопочит или ужас пред бога. Исто така, разновидноста на нашите хигиенски навики, не може да се објасни со претставите за заканувачките болести. Нечистото е огрешување кон поредокот…" Јулија Кристева, исползувајќи се со психоаналитичките концепти на Жак Лакан, го прошири феноменот на чистото и Моќта на ужасот: есеи за абјектното за првпат даде психоаналитички одговор на прашањето зошто цивилизацијата се перцепира како потреба за чисто, а нечистото како цивилизациски удар, тероризам управен против системот, тоест како што пишува Далгас, огрешување од поредокот.
Претходна
Следна
 
1 2 3 4 5 6
Hosted by www.Geocities.ws

1