Духовни Дарови - Пророкување Исцелување Ангелски Јазици

  Марко 16 - Зборови на Господ Исус Христос

.. Oдете по сиот свет и проповедајте го евангелието на секое создание. Кој ќе поверува и се крсти ќе биде спасен а кој не поверува ќе биде осуден. А знаците на оние што ќе поверуваат ќе им бидат овие: Со моето име ќе истеруваат бесови, ќе говорат нови јазици, ќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат нема да ги повреди, на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат

 
  
1 Кор 12 Ап Павле

.. Затоа ви кажувам дека никој кој зборува преку Божјиот Дух не фрла анатема на Исуса и никој не може да го нарече Исуса Господ освен преку Светиот Дух. Постојат разни дарови но Духот е еден и ист, има разни служби но Господ е еден и ист, и разни сили постојат, но Бог е еден и ист кој врши се во се. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза, оти на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг збор на знаење, преку истиот Дух, на еден Вера преку истиот Дух, на друг дар за лекување преку истиот Дух, на еден да чини чуда, на друг да пророкува, на еден да ги разликува духовите, на друг разни јазици, на трет да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух распределувајќи секому пооделно како што сака. И како што е телото едно а има многу органи и сите органи од тоа тело, па колку и да се тие, едно тело се, така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело, било Јудејци или Елини, било робови или слободни, и сите сме со еден Дух напоени. Оти и телото не се состои од еден орган, туку од многу. Ако ногата рече: Бидејќи не сум рака не сум од телото. Зар само заради тоа таа не е од телото? И ако увото рече: Бидејќи не сум око, не сум од телото. Зар поради тоа увото не е од телото? Ако целото тело би било око тогаш каде ќе е слухот? Кога целото би било слух, тогаш каде е мирисањето? Но Бог ги наредил органите секој од нив во телото така како му било угодно. Ако сите тие би биле само еден орган тогаш каде е телото? А сега се многу органи но сепак едно тело. И не може окото да и рече на раката: Не си ми потребна. Ниту главата на нозете: Не сте ми потребни. Напротив оние органи од телото кои ни изгледаат послаби се многу попотребни и на оние членови на телото за кои сметаме дека се понеугледни им одаваме повеќе чест, и нашите понеугледни органи имаат поголема чест, а угледните органи немаат потреба од чест. Но Бог го направи телото така што на најнезначајните органи им дал најголема чест за да нема расправии во телото а органите подеднакво да се грижат едни за други. А кога страда еден орган тогаш страдаат сите органи и кога се слави еден од органите тогаш со него се радуваат сите органи. Вие сте Тело Христово а пооделно членови. И едни од вас Бог постави во Црквата прво апостоли второ пророци трето учители, потоа даде дарби за чудеса и исцелување па застапници управници и луѓе што зборуваат на разни јазици. Та сите ли се апостоли? Сите ли се пророци? Сите ли се учители? Сите ли се чудотворци? Сите ли имаат дарби да лекуваат? Сите ли зборуваат на разни јазици? Сите ли се толкувачи? Покажувајте ревност за поголеми дарби а јас ќе ви покажам уште подобар пат.
1

 
1 Кор 13 Ап Павле

Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски
Штом Љубов немам ќе бидам бакрар што ѕвони или кимвал што ѕвечи
Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи
А и така силна вера што и планини да преместувам
Ако Љубов немам ништо не сум
И да го раздадам целиот свој имот, да дозволам телото да ми изгори
Штом Љубов немам ништо не ми користи
Љубовта е долготрпелива, полна со добрина. Љубовта не завидува.
Љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое
Не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува а на вистина се радува
Се извинува, во се верува, на се се надева, се претрпува
Љубовта никогаш не престанува, а другото
Ако се пророштва ќе престанат, ако се јазици ќе замолкнат, ако се знаења ќе исчезнат
Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме
А кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното
Кога бев дете зборував како дете, као дете мислев, како дете размислував
А кога станав маж, го оставив детинството
Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш лице во лице
Сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат
А сега остануваат овие три работи
Верата, Надешта, Љубовта
Најголема меѓу нив е Љубовта




  1 Кор 14 Ап Павле

Стремете се кон Љубовта, ревнувајте за духовните дарови а особено да пророкувате. Оти оној кој зборува на јазик непознат тој не им зборува на луѓе туку на Бог, бидејќи никој не го разбира а со Духот кажува тајни, а кој пророкува тој им зборува на луѓето за поука утеха и утврдување. Кој зборува на непознат јазик тој се поучува сам, а кој пророкува тој ја поучува Црквата но јас би сакал сите вие да зборувате на разни јазици, а уште повеќе да пророкувате оти кој пророкува е поголем од оној кој зборува јазици освен ако и ги толкува та Црквата да добие поука. А сега ако дојдам при вас браќа и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене кога не ви се објаснува било со откровение било со познавање било со пророкување било со поука? И бездушните предмети како свирката и гуслата што даваат глас ако не даваат разни гласови како ќе се разбере што се свири или гуди? Оти ако трубата не дава разбирлив глас тогаш кој ќе се готви за битка? Така и вие ако со јазикот свој не изговарате разбирливи зборови како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе зборувате во ветер. Во светот има кој знае колку разни зборови и ниеден од нив не е без значење. Ако не го разбирам значењето на тие гласови тогаш за оној кој зборува ќе бидам странец а и тој за мене туѓинец. Така и вие бидејќи сте ревнители за Духовни Дарови грижете се да ги добиете во изобилност за поука на Црквата. Затоа оној што зборува на туѓ јазик нека се моли за дар да може да го толкува. Оти ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух, а умот мој останува безплоден.Па што да се прави? Ќе му се молам со дух, ќе се молам и со ум, ќе го фалам Бог со дух, ќе му пеам и со ум. Зашто ако благословуваш со дух, како ќе рече Амин на твојата благодарност простиот човек кога не разбира што велиш? Ти благодариш добро но другиот не се поучува. Му благодарам на мојот Бог оти од сите вас зборувам повеќе јазици, но во Црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи за да поучам и други отколку илјадници зборови на непознат јазик. Браќа по умот немојте да бидете како деца, за злото бидете младинци а по умот зрели. Во Законот е напишано: На туѓи јазици и со туѓа уста ќе му зборувам на овој народ зашто и така нема да ме послуша вели Господ. Затоа јазиците се знак не за оние што поверувале туку за оние што не поверувале, а пророштвата не за оние што не веруваат туку за оние што веруваат. А ако целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници нема ли да речат дека сте полуделе? Но ако сите пророкуваат а дојде некој прост човек или неверник него сите ќе го изобличат и сите ќе го осудат, така што тајните на срцето ќе му се откријат и тој откако падне на колена ќе му се поклони на Бог и ќе рече: Навистина со вас е Бог. Па што браќа? Кога ќе се собирате и секој од вас има, кој псалм кој поука кој јазик кој откровение кој толкување, се да се врши за поука. Ако некои зборуваат на непознат јазик нека зборуваат по двајца или најмногу троица и тоа по ред, а еден да толкува. А ако нема толкувач, тогаш во Црква да молчат, а нека си зборуваат во себе си и на Бог. Пророците да зборуваат по двајца и троица а другите да расудуваат. Но ако некому што седи му дојде откровение тогаш првиот нека замолчи. И така еден по друг можете сите да пророкувате та сите да се поучувате и сите да се утешувате. И пророчките духови им се покоруваат на пророците оти Бог не е Бог на безредие туку на мирот. Така е по сите Цркви меѓу светиите. Жените ваши по Црквите да молчат, ним не им е дозволено да зборуваат туку да се покоруваат како што вели и законот. А ако сакаат да научат нешто нека ги прашаат мажите свои дома зашто срамно е жена во Црква да зборува. Зар од вас излезе словото Божјо? Или само до вас стигна? Ако некој мисли дека пророк или исполнет со Дух нека разбере дека ова што го пишувам се Господови заповеди. А кој не разбира нека не разбира. И така браќа грижете се да пророкувате но не забранувајте да се зборува и на различни јазици, се да се врши како прилега и уредно.

Сите Теми и Линкови на Тивка Светлина
www.geocities.com/tivkasvetlina
 

 Слики   01  02  03  04  05  06  07  08  09  10  11  12  13  14  15  16  
    17  18  19  20  21  22  23  24  25  26  27  28  29  IND  Тивка Светлина

Hosted by www.Geocities.ws

1