Дома
 





Сузана В. Спасовска

Се вика ли песната цвет?

1.
Секоја песна е најпрвин текст, а потоа сe останато - живот, љубов, смрт. Секоја песна живее – најпрвин на хартија, потем во помнењето. Таа има тело, има и душа. Зборовите и се тело. А душата... нејзината душа е во нас... Како мирисот на цветот. Затоа секоја песна е цвет. И затоа читателот на овој текст, кој не е песна, а кој во својот наслов воспоставува врска меѓу песната и цветот, не треба да го чуди за каков цвет зборуваме. Зборуваме за цветот на поезијата.
Во време на симболистичката поетика, цветот бил врвна поетска тема, симбол на убавината. Да се пее за цветот значело да се пее за убавината. Значи, песната-цвет знаела да пее за цветот... Постои верување дека некогаш поезијата била кралица на книжевноста, ружа, цвет меѓу цветовите. Дека била над сите. Оттогаш времето се сменило, системот на книжевноста се реконструирал, но поезијата сè уште живее, сè уште цвета во тој систем.
Во овој текст би сакала да зборувам за патот на тој книжевен цвет, за патот на поезијата, за тој пат од пупка до широко расцветан цвет. Би сакала да зборувам за цветот на македонската поезија. Искрено, се надевам дека ваквиот пат на цветот може да се најде во секоја книжевност.

2.
Јас не можам да ви зборувам за генеалогијата на цветот, ниту за неговата ботаника. Јас не сум ботаничар. Но, затоа можам за состојбите на цветот од неговото раѓање до смртта да направам паралела со моделите на поезија. За да го детерминирам почетокот и крајот на патот на тој цвет, ќе зборувам за два периоди на тој пат – за почетокот на пупката и за цветањето на цветот. Првата состојба е таа кога цветот е се уште во зачеток, кога е пупка – затворена форма, длабоко затворена во себе. Од таа пупка може само да се нагаѓа кој цвет ќе биде. Таа затвореност на поезијата, таа упатеност на сама себе, како што би рекол Бахтин*, тоа е добрата стара дефиниција за лирската поезија.

 

 

Тогаш цветот живее во својот свет на цвеќињата, тој сè уште не ја искусил реалноста на градината. Тоа е неговиот сопствен свет и во него секое ливче може да има друга боја освен црвената. Тоа го знае и самиот цвет.
Другата состојба на цветот е неговата состојба на отворена чашка, неговите ливчиња кои се шират нанадвор, неговиот мирис кој патува кон останатите цветови, кон пчелите, кон луѓето. Оваа отвореност на цветот се среќава кај другиот модел поезија, онаа поезија која е свртена кон светот, која не се опишува себеси како цвет, туку она околу себе: земјата, сонцето, небото, градината, па дури и остантите цветови. Онаа приказна за животот надвор од нас.
Во историјата на книжевноста – како парадигма на ова пеење – се јавува епската поезија (овде терминот епска се јавува со условно значење, а не како зборување за големото славно минато, туку за светот на современата стварност). Ете, бидејќи ја одредивме почетната и крајната точка на патот на цветот, време е да видиме дали наоѓа оваа аналогија свој доказ во поетската пракса. Овде како пример ќе ни послужат песните на младите македонски поети.

3.
Пред да почнеме да ги анализираме песните, морам да кажам: теоретските премиси секогаш говорат за чистите состојби на кое било суштество (па и поетското), а самото суштество, знаеме дека е сложен склоп на тие состојби кои ретко се јавуваат во чист облик. Така, секоја песна во себе ќе содржи неколку такви состојби, но ние, врз основа на категоријата доминанта, ќе ја определуваме секоја песна посебно (таков е примерот со пупката на цветот која не е статична форма, туку секој ден незабележливо, полека се отвора, бидејќи животот на цветот, како и секој живот, е динамичен процес).

Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1