| Втора
состојба
Состојбата кога цветот
на песната се расцветува, односно се шири нанадвор,
е состојба кога песната не зборува веќе за себе, таа
повеќе не е говор на субјектот, туку станува говор за
субјектите, но и за објектите. Но повторно кажано со
јазикот на Бахтин - песната се хибридизира. Под влијание
на прозните жанрови, кога настанува смена на два глобални
книжевни системи, поетските жанрови ги примаат одликите
на жанровите кои вршат влијание. Така настанува нов
вид на модерна епска поезија која говори за сe што е
реално – за световната и за книжевната стварност. Песната
не го гради повеќе својот свет зад грбот на другите,
таа повеќе не го сокрива, туку го покажува, предизвикува
со својата вистина, со својата сурова вистина.Таа повеќе
не мириса толку пријатно и лесно, туку тешко и згуснато.
Нејзиниот мирис нема да ве натера да замижите, тику
широко да ги отворите очите и да видите с# што можете
да видите. И овде приложените македонски поети можат
да се поделат во неколку модели на пеење: еден од нив
е кога песната својот свет/текст го гради на другите
светови/текстови – таа повеќе не е сама на овој свет,
туку пред неа одеднаш се откриваат светови кои постоеле
цело она време додека постоел и нејзиниот свет – светот
на натурата, светот на културата, светот на книжевноста
и уметноста, и на крајот – светот на човекот. Така таа
го испишува својот свет/текст на овие светови/текстови
притоа не бегајќи од нив. Тоа е моментот кога во поетскиот
свет влегува нарацијата, влегува стварноста. Некогаш
тоа е стварноста на светот, а некогаш стварноста на
книжевноста (се мисли на фактички постоечката книжевност).
Како парадигматична за првото пишување се јавува подолгата
песна, дебитантска, за Александар Русјаков „35 минути",
која во бит-генерациски манир се говори – за еден пат
и еден автостопер – овој вид на песна не говори само
за објектите на таа и таквата стварност, туку и за (лирскиот)
субјект кој сака и страда поради љубов. Тоа е тој модерен
дух кој го примила поезијата - да не зборува само за
трубадурот кој пее под прозорот на девојката, туку и
за оние трубадури на новото време. Така поезијата сфатила
дека треба да живее овде и сега. Сфатила дека стварноста
& треба за да бида жива. Такви се песните „Не знам
дали тоа сум го кажал порано" од Игор Исаковски
и „Квалитет на вистината" од Владимир Илиевски;
дури и во случајот кога таа реалност е по малку искривена
и чудна – каква што е прикажана во песната „Чесна девојка"
од Лидија Димковска. Меѓутоа, кога песната својот текст/свет
го испишува на светот/текстот на постоечката книжевност
(од митовите и Библијата до современата уметничка книжевност),
таа песна, всушност, сака да остане во светот на книжевноста,
но на тој начин што ќе коментира и парафразира, или
едноставно речено, повторно или одново ќе создава книжевност.
|
|
На тие основи, новите
поетски текстови како матрица ги земаат општопознатите
книжевни и библиски теми, давајќи им нови толкувања
и вредности.
Така темата за боговите и смртниците фантастично обработена,
во облик на дијалог е во песната на Емил Калешковски
„Погреб или боговите догрмаџии прават саркофаг за земјата",
потоа песната за Нечестивиот во песната „Темниот принц"
на Ирена Павлова, додека темата за настанувањето на
жената, проблемот на Ева, го обработила Сузана В. Спасовска
во песните: „Мојата Ева" и „Поплака до Бога",
па сè до темите на познатите современи писатели,
како што е творештвото на Едгар Алан По на која што
се повикува Маја Апостолоска уште во самиот наслов „Никогаш
повеќе, Ленора".
Постои, секако, уште еден начин на пишување во кој светот/текстот
на песната се јавува како метамодел, т.е. тој постои
како текст за текст – тој говори за настанувањето на
сите други текстови, исто како што расцветаната ружа
станува парадигматичен примерок на сите ружи. Овој говор
сака да има цел – тој сака да каже нешто за себе, овде
самата песна станува автор. Оваа песна всушност не сака
повеќе да биде песна, таа сака да биде нешто повеќе,
да биде над песната – таа сака да говори за песните.
Како настанува песната, што е потребно песната да настане
– сите прашања што ја мачат песната одеднаш ја чинат
самата песна. Тоа најексплицитно се покажува во примерите
на македонските поетеси Лидија Димковска во нејзината
преубава песна „Lettre“. Кон овој модел се приклучува
и песната „Разговор" на Маја Апостолоска.
4.
Со надеж дека животот на цветот ќе се обновува секоја
пролет (иако овој свој текст за цветот го завршувам
кон крајот на месецот август), со надеж дека секоја
пролет ќе мириса и ќе предизвикува интерес со своите
нови облици и форми од сопствените листови, со своите
бои и мириси, и дека никогаш нема да свене, посакувам
поезијата никогаш да не свене.
(објавено на хрватски
јазик во електронското списание „Контуре")
превод: Маја Катарова |