Дома
 





Сузана В. Спасовска
 

Поплака до Бога

I

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој си мисли дека е бог
дека е мојот бог

дека можел да ме создаде
пред ти да ме создадеш

дека од глина би ме направил
а не од сопственото ребро

дека живот би ми вдахнал
за да има потем право и да ми го одземе…

II

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој се гледа себеси ко да е бог
ко да е мојот бог

ко да има право да ме лиши
од сe што ти си ми дарил, Боже
мојата плодност
мојата утроба

ко да имал право да ме распори
додека уште не сум била ни свесна дека ја имам

ко да има право за себе да си ја присвои
доволен за да си биде…

III

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој сонува дека е бог
дека ми е бог

дека може да ми одземе
сe што потсетува на тебе, Боже
секоја твоја трага
што се огледала во мојот ум

дека може да ме растрои
да ме обезличи, да ме обезглави
да не му требаше мојата глава
за да му климнувам, за да му се покорувам…

IV

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој се доживува ко да е бог
мојот бог

бог што никогаш не би ме примил во рајот
бог што никогаш не би ме побарал за друштво

за тој да биде поблиску до тебе
за да биде едно со тебе, Боже

V

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој се доживува како бог
како мој бог

кој би го дозволил само моето тело
моето физичко присуство

но не и појавата на моја мисла
но не и правото на мој збор

за да не можам да се поистоветам со него
за да не можам да му бидам рамна…

VI

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој сака да е бог
да е мој бог

кој би се жалел на умноста моја кај тебе, Боже
за да ми ја забраниш, Боже

за да се откажам од неа
за да се откажам од сe што ме приближува до него

за да ме создаде одново по свое
за да бидам она што тој сака да му бидам…

VII

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој веќе се однесува како бог
како да ми е бог

како да има моќ да ме забрани
да ја забрани мојата телесност, моето постоење

како да има моќ да ти забрани
на ум да ти падне

мислата за жена,
мислата за мене…

VIII

Како да се доближам до тебе, Боже
кога тој сака да потсетува на бог
на мој бог

кога сака да потсетува на тебе, Боже
на твој наследник, на твој потомок

а не може, Боже
оти и јас бев со него во рајот…


Воскресение

Ги затворија вратите од храмот.
Низ клучалката се видов внатре:
„Кој дел од мене избегал?"

Таму спиев во саркофаг.


Двојства

I
Некоја Ти

Некоја друга Ти
а сепак не Ти
на оваа која си
не оваа што ја сакаш...

II
Некоја друга
Некоја што ти е туѓа
а во тебе демне
свеста кога ти ѕемне
тогаш кога се немаш...

III
Некоја друга во тебе

Некоја што те краде
со сомнежи те јаде...

Некоја не-Ти
на тебе што личи.


Коб

Грмотевица остана во прозорецот
Под перница ја ставав
за да ме успива грмејќи
Ми паѓаше косата
а никој не знаеше
дека дома чувам оган

Горејќи ги сите маски
Кршејќи ги сите огледала
Немав што да си покажам
замразувајќи го дарот
од мајчината утроба

Жедував
а никој не знаеше замоите гламни
што расцветаа.


Последни тајни

III
Оној што умрел вчера
знаел ли неговите остатоци што ќе станат на онаа страна
знаел ли дека ќе станат храна
знаел ли дека ѕвездите ќе се населат во неговите очни дупки
знаел ли дека од неговата постела ќе останат само земјени грутки
знаел ли дека бубачки ќе го лазат, дека животни по грбот ќе му газат
знаел ли тој што умрел вчера дека ќе биде богата вечера
и дека во никого ќе нема вера –
ах, зошто морал да умре вчера?

Оној што умрел вчера
можеби мислел во што да се престори
можеби мислел пак да се роди...


Љубов и заговор

II
Постојат утра
во кои претерано се возбудуваат
кога сами се разбудуваат
И ноќи постојат
во кои копнеат едни за други
признавајќи дека се туѓи.

III
Постои пладне
во кои размислуваат што ги привлекува
во кое едниот другиот го слекува
во кое Таа му шепоти за радост
а Тој ја учи на нежност
и со зборови се мачат
да си речат колку си значат.

 
Hosted by www.Geocities.ws

1