Дома
 





Сузана В. Спасовска

Прва состојба

Првата состојба во која може да се најде еден поетски текст е состојбата на пупка. Тоа е состојба на затворена форма, насоченост на сè, каде јас е центар на светот. Од него сè започнува и во него сè завршува. Тука ги нема другите. Можеби постои само Таа/Тој, во љубовниот контекст. Тој текст е личен, емотивен, искрен, исповеден – тоа е интимна лирика. Сè уште се смета дека говорењето во прво лице еднина припаѓа само на поетскиот текст, т.е. дека поезијата може да постои само во овој облик.
Ортодоксните поети не признаваат друг модел на пишување. Поради тоа овој говор бидејќи е најстар, се јавува како доминанта скоро во сите поетски текстови. Од песните на македонските поети објавени во овој број на Контура, оние кои себеси се реализираат во прво лице еднина се: „Јас, вистинскиот јас" од Емил Калешковски, „Соба" од Сузана В. Спасовска, „Студени утра" и „Тој сè уште го бара семкарот" од Никола Маџиров, „Седнав на брегот на реката" од Владимир Илиевски, „Ви велам пријатели" од Ивица Антески, „Сеење на смеата" и „Хармоника & метроном" од Игор Исаковски. Овие песни се проектирани низ тој емотивен и сензитивен дискурс – јас без (или со) себе.
Додека сме сè уште во првата состојба на цветот, треба да кажема дека тој облик на пупката на цветот е таинствен, тој крие нешто, и не се открива сосема. Тој лаже за вистинската слика на сопствениот цвет, за неговиот облик не знаеме ништо сè до оној момент кога цветот целосно не се отвори. Така, пупката ни претставува некои чудни и туѓи бои на листовите кои не знаеме какви ќе бидат утре. Така и песните, создавајќи свет поинаков од реалниот, користат надреални и фантастачни поетски слики, градејќи пред нас еден виртуелен и непостојан свет. Такви се песните: „Судбина" од Емил Калешковски; „Не можам", „Магичен театар", „Дојдов од друг свет", „Растам" од Никола Маџиров; „Ноќ" и „Пет наутро" од Ивица Антески;

 

 

„Автосугестивна песна за растење коса", „Интимни дарови" и „Колекција" од Наташа Бунтеска. Тоа се толку фантастични комбинации на слики кои просто изненадуваат, зачудуваат и н# носат далеку од обичната стварност.Една скала погоре во овој начин на градење на песните претставува фигуративен начин на пеење – каде зборовите повеќе не означуваат она што обично значат. Или, неупотреба на општопознатите слики, кои се комбинираат на необичен начин, туку употреба на симболи – некогаш старите и добропознатите, а другпат нови и тешки за одгатнување. Такви се песните: „Циганска носталгија" од Игор Исаковски; „Mal du Siecle“ од Лидија Димковска; „Да се игра на ова место" од Ирена Павлова; „Пред зори" и „Конформист" од Владимир Илиевски, со веќе утврдени симболи: сонце, Циган, мустаќи, игри (може да се каже дека се тие и романтични - чисто лирски елементи), додека песните „Наследство" од Маја Апостолоска и „Хајка" „Прикриена, барајќи" и „Хазард" од Јовица Тасевски – Етернијан, песни кои воспоставуваат нови симболи, на кои допрва треба да им се припише значење во зависност од нивниот контекст, но кои понекогаш го отежнуваат комуникативниот прием на песната. Благодарејќи на овој начин на пишување, секој јазик го збогатува својот речник со значења. Така еден збор повеќе нема само едно, туку повеќе значења. Но со оваа постапка, во поезијата се јавиле шаблони на мултиплицирање на песните – користејќи ги тие и таквите слични зборови. Во секој случај, овој модел на поетско пишување и ден денес е единствена карактеристика по кој еден поетски текст се разликува од прозниот – поради својот сликовит говор (секако, првиот тип на поетскиот говор во прво лице еднина се јавува и во прозните жанрови како лик – наратор). Значи, фигуративниот модел подразбира две писма: првото е надреалистичко, а другото симболистичко.

Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1