Дома
 





Лидија Димковска
 

Морфологија на бајката

Седи монструмот до мене, а внатре е тесно,
ќе испука ципата што ме дели од настаните во светот.
Се гледаме недоверливо, а познат ми е тој молк
што ни ечи в слабини: така со преподобните
се меркавме во руските цркви.
Седи ѕверот на половина стол, си ги засукал ногавиците,
си ги избрикол нозете како прашка студентка
по византологија, а мириса на Бѕзант,
и знам, моите политички ставови
не ќе можат да го спречат во намерата
да ми ги обликува со помисла
колковите колку што треба,
да го стесни домот за уште една соба,
о, чудовиштето знае дека полот ми е визба.
Безвремено лулкање на бочви во кои си ја пикам главата
како во огламник. Сламката црцори во лименката,
си свири на неа како на усна хармоника.
До кога ќе одбегнуваме да се качиме на таванот,
да ги запалиме старите теоретски книги?
До кога во митрополијата Бог сам ќе се бдее,
до кога говорникот ќе кива без да се извини?
Седи монструмот до мене, а мене ми вели:
„Си се залепила за мене како домаќинка за теленовела".
Речникот му се состои само од тие девет збора.
Десеттиот ако го каже, отиде по ѓаволите
„Морфологијата на бајките", втор дел.
По сe изгледа Проп го намамил со домашна вотка
и го наговорил да си остане ѕвер,
а убавицата не ја ни зел предвид.

Алое Вера

Му го намачкавме лицето на мртовецот
со хидрантна маска за сува кожа
и внуката од брат му клекна пред сандакот
молејќи се вака: Ајде, Алое Вера,
зарумени му ги образите на стрико, а ти
бадемово масло, скокотни го околу усните,
знам дека тоа ќе го разбуди и од најдлабокиот сон,
една сосетка дофрли дека Алое Вера прави чуда
и зарем тоа не се гледа по нејзината кожа
како на бебе, рече, а веќе е во петтата деценија.
Сите се свртевме кон неа и заборавивме
дека маската на жив човек се држи седум минути,
а на мртовец - три, молитвата на внука му заврши,
маската се скрши, го закопавме такси возачот
без лице, но освежен одвнатре. На враќање,
една жена во пелерина се испречи пред нас
со послужавник полн црвени јаболка.
Колку јаболка - толку вистини, рече, повелете, послужете се,
зарем не е така, младоженци, дека опстојувањето на светот
зависи единствено од првовљубените на еден кеј
полн нерециклирана романтика? Мора да е луда,
помисли тој, а невестата почна да вика на сет глас:
„Гледаш? А ти стопати ми ја пушташ раката!"
и се развенча од фризурата заради која
цел живот го помина под хауба, па погребот од кој се враќаа
и’ мирисаше на озонската дупка. Мртовецот си ја пикна раката в џеб
и никогаш повеќе не ја извади во светот на Ајнштајн.
Беше тоа погреб или венчавка, Алое Вера?
Кој кого венча? Кој кого закопа?

Претходна
  1 2 3 4
Hosted by www.Geocities.ws

1