Дома
 





Лидија Димковска
 

Жени купуваат сандали

Жени, жени, црни жени!
Континентот ја изблу жегата
Црвилото помодре. Кога последен пат
читавте упатство за повраќање?
Повторно се враќа само тревата во паркот
Повторно се враќа само реката под мостот
Меѓу цвеќето и сенката препрека е
мртовечката кола во која е срамота
да влезете во сандали. Но сепак,
ви ѕиркаат ноктињата и да е бол и да е бес.
Вам ви треба рез, рез, рез!
Да ја сечете Земјата како лубеница
Да бидете меѓу два дена согласки,
но со денот никогаш согласни!
Петата е оска на свеста
Се врти, се врти смеата
и потоа во ременче ја каса пролетта.
Во секоја сандала е скриено едно дно
Во секое дно е откриено ново копно.
И само една жена во пеколен час
го затвори прозорецот, ги изгасна светлата
и се вивна боса во својата меморија.
Се сеќавате на неа?
Мене на врв на јазик ми е.
Ќе ми текне. Ќе ми текне.


Чесна девојка

Го однесов во "Second hand" погледот во иднината
но никој не сака да го купи. Мрежата е бодликава,
а херои повеќе нема. Тагата е чисто физичка болка.
Ако нема вода, пушти ја очната течност
закачена за очилата. Ако не носиш очила,
преправај се дека си Кинеска (едно око кон исток
плус едно кон запад е еднакво на женско писмо
во машко општество). Модата на ориенталците
се враќа во пакет со диететска храна.
Благослови ме и мене додека сум сe уште
чесна девојка. Утре-задутре ќе ја изгубам грешноста,
ќе носам везени кошули од Етнографскиот музеј
на Македонија, а некој треба да ги плати.
За да преживееме, најдобро е лекторскиот стан
да го претвориме во галерија. Ќе изложуваме
раширени вени, исушени папоци, очни мрежи
и скршени срца правопропорционални
со јужно-американските серии
(кажи зошто ме остави и со сестра ми ти се ожени),
а тагата е чисто физичка болка
и во мојата земја се лекува со хируршка интервенција.
Овде ја препознавам по болката во показалецот
пресуден во ширењето на мобилната телефонија.
Не знам зошто тетин ми не ме тепал во вреќа,
во овие години најдобро е некој друг
да ти ја пресече папочната врвца, а јас
не се плашам од Вирџинија Вулф,
јас се плашам од Лидија Димковска. Си чул за неа?
Една недокрстена, а сите пријатели и’ се замонашија,
една нетелесна а сите љубени и’ останаа неженети.
Една твоја, речиси до исцрпување не-жена,
(можеби спонзорирана од Сорос за да биде нежна?).
речиси до негирање идеја на Медеја, на Јудеја, на неа.
Не, јас не се плашам од бројките 1,4,7
во кабинетот за очни болести, ниту од хипотеката
на верските празници, ставот кон Бога што постои ме плаши
на Богот што не постои, а во стравот очите се големи.
Леле колку зборови! Речниците се исплатлива работа,
си седиш дома и си играш: На буква, на буква...!
Отсега ќе зборувам само во ономатопеи,
или подобро, во метаономатопеи. Како и да е,
драго ми е што се запознавме, оче. Да не бев жена,
ќе можевте да ми се исповедате. Но и вака е добро.
Си пиеме чај, си ги грицкаме еден на друг ноктите
и се оближуваме. Џив-џив! Метаџив-метаџив!



Евангелие по себе

Како мало дете е Бог - се лути за сe и сешто,
пречувствително дете, единче
на имотни родители, но без образование:
не го запишаа на карате, ниту на часови по гитара,
не му читаат пред спиење приказни од Грим,
но затоа пак соседите им рекоа да го праќаат
на веронаука оти сега е во мода да си верник.
А тоа може малку и ќе го смири.
Секое попладне го посетува манастирското училиште,
а таму, само сестрите знаат каков белег од раѓање носи
под ланчето со крстче: аура отворена за метафизички белји,
четврта димензија што свештеникот ја нарекува
„водовртеж на неволји".
Цело време потстанува, колената го болат
од Пофалната песна на Богородица Дева,
ајде да запееме нешто повесело, како на пр.
"Hey, teacher, leave the kids alone", децата го боцкаат со моливчињата,
но сестрите се растажуваат, како да ги потсетува
на внуците од сестри им, на становите
со спална, детска, дневна соба и миризлива бања
во кои животот тече низ каблите на телевизорот,
компјутерот, хај-фај системот, видеорикордерот,
децата растат, но расте и желбата за промена на Бога
и на мажот, ако се може, за друг со покадифеста кожа.
Сестрите го испраќаат последен дома,
натпреварувајќи се во прашањата како:
„Што ќе бидеш кога ќе пораснеш и зошто?",
а тој, неранимајко, секој пат измислува нешто ново,
сe дури еден ден не им рече: „Знам што ќе бидам.
Бог! За да ве имам сите!" Тогаш влезе свештеникот
и им викна на сестрите: „Што сте поцрвенеле толку?
Срамота! Цела ноќ бдение и акатист на Мајка Божја!"
Кога ќе порасне првин ќе се бара во сектите
платени од западноевропските земји,
ќе го чита Чоран, ќе пие кефир со индиски билки,
ќе ги менува учителите за домородечки гуруа
пронајдени на веб-страниците за ментална култура,
сe дури еден ден, после долги патувања од себе до вечноста и назад,
не стигне на Богословскиот факултет и не рече: Скитав многу, но еве ме,
а професорот по литургика, авангардното чудо
на источната мистика, не му посака добредојде - Дома.
Но само за кратко. Потоа ќе се сплетка со ќерката на духовникот,
актерка во аматерската трупа „Лилит",
ќе паѓа во транс на „Евангелието по Јуда"
нај, нај ин во светката литература
и нема да има мир сe дури не го напише „Евангелието по себе",
интертекст, машина за мелење на сите форми на Јас,
искушение и спас, Le Geode на утробата од слој крв слој датотека
слој месо слој социјална средина, четиридимезионална мусака
во која сите чирови ќе пукнат со вагнеровска сила.
Нема врски во издавачките куќи и театри: никој нема да го прочита
„Евангелието по себе", никој нема да го спаси генијот од она што следи:
игла и грабеж на манастири и цркви (во нив се снаоѓа уште од дете),
и ете ти го во училницата за веронаука:
сестрите се толку стари и грди што му доаѓа
сите да ги вшприца во органот за заборав,
(дури ни Бог не сака девици во години),
му иде да се расплаче, да крикне од бес и немоќ
што животот не е песна од Пинк Флојд, му текнува,
им го рецитира „Евангелието по себе", им го впива во брчките,
во исштирканите бели јаки, како силикон им го вбризгува
во дојките опуштени и во раширените вени,
а тие полека се опуштаат, и по секој збор
како да се откинуваат од грчта на минатото што не било нивно,
си ги местат градите, си ги оближуваат усните,
си ги отвораат очите, сe помлади се, сe полични,
зрачат додека детето ги гледа со зината уста,
ги задева, ги скокотка под пазувите, им ги допира колената
и се смее: Бог, Бог сакам да бидам.
За да ве имам сите.

Претходна
Следна
  1 2 3 4
Hosted by www.Geocities.ws

1