| Коцка
за супа
Самотијата е коцка за супа за една чинија.
Лесно се топи но не исчезнува.
Ти плива во лажицата како разредена киселина
низ душата ти ги собира сите остатоци
од т.н. вечери за двајца
и низ дупчињата на добро изглоданиот сон
ти испушта сe твое вон
но тебе, тебе - не те пушта Она!
Сега сте сами. Ти - само човек, жива беда.
Таа - раскошна полнота, со физички својства:
4% масен екстрат, 27% маснотии,
12% Наглутаминат, 45% готварска сол,
рибонуклеотиди, карамел и зачини,
и со мета-физички, би се рекло духовни
врски со твоето его,
а во гранични состојби на постоењето
самата е твое Алтер-его,
човеку, човеку, ќе те исцица на еден ручек
кога си мислиш дека ти неа ја сркаш,
ќе те врзе за себе токму со рибонуклеотидите
и ќе чека смртта во тебе да пркне.
Болките во стомакот не се знакот
ниту биењето во слепоочниците
ниту јадежот во слабините.
Апетитот, лудилото по малата коцка за супа
кога и не си гладен,
хистеријата на отпакувањето,
на фрлањето во зовриена вода,
5 мин. варење - и потем е твоја, само твоја.
Запри тука! Не сркај ја, не пиј ја, истури ја,
бегај од неа, не влегувај во продавници,
не гледај економско-пропагадни пораки,
стави и’ крст на таа проклета
мала коцка за супа за една чинија.
Време е да дојдеш кај мене на ручек,
во недела кога куќата ми мириса
на штотуку испечена кокошка,
супата е природна, со малку фиде,
моркови, целер, магдонос,
многу витамини, па нека биде
за здравје и за навек нашата средба,
човеку мој, човеку мој,
најпосле, ме препозна ли? |
Поемата
на почетокот
Се исплаши Бродски, се исплаши да не го погоди
некоја бомба, лубеница или урочливо око на струшка мома,
а тогаш сe уште намавме електронска пошта
за да ме праша уште во Предмет: има ли војна во Македонија?
и не дојде. А тие четири дена, велат,
го варосувале Универзитетот во Мичиген,
дома пак жената што чисти, Босанката Севда
истурила варакина во дневната и засмрдело сe.
Ги отворил Бродски прозорците и излегол во ноќта,
а немал каде да оди сe дури не се проветри станот, сe дури
не му го варосаат Кабинетот за литература. Четири дена
лутал Бродски низ Мичиген, одел од црква в црква
(а кога бил тажен, велат, влегувал само во православна)
и наеднаш налетал на македонското црквиче што дедо Илија
го подигнал за спомен на мајка си Петкана од Струга,
токму тогаш се служела Вечерна, а двајца чтеци пееле
на македонски: Богородице Дево, радуј се благодатна Марие.
Слушал Бродски а дланките му се потеле од панталоните,
на секое прекрстување се засркнувал
како да пливал во водите од Книга Битие,
Мајка Божја видела како му се расплакала беби-јаката на кошулата,
потем една баба му пришла со варена пченица
и му рекла: Земи синко, задуша на свекрва ми Петкана од Струга,
Бог да ја прости, ми ги изгледа децата.
Бродски тогаш бркнал во задниот џеб и го извадил писмото
за Златниот венец на поезијата, ’91. Но бабата
само го нудела: Касни си, касни си синко од пченицава,
многу си блед, немој некоја болест да фатиш, та за венци,
- чувај боже, рано ти е! Првин на нас старите ни е редот!
Јадел Бродски и плачел, сркал и се засркнувал
а во понеделникот, кога го отвориле Универзитетот
на студентите по литература ваква тема за есеј им дал:
„Колку отсто човек живее кога живее,
а колку отсто умира кога умира?"
И цели два часа ја читал и препрочитувал
„Поемата на крајот" од Марина Цветаева. |