Сонцето е најблиска ѕвезда до Земјата. Еден од главните фактори заради кој настанал и опстојува животот на нашата планета. Иако набљудувајќи го од Земјата, Сонцето ни изгледа како една обична „жолта топка“ која се појавува секој ден над хоризонтот и по одреден број часови заоѓа на запад, сепак таа обична „жолта топка“ и не е толку обична.
Во неа се одвиваат процеси кои го оставаат вчудоневиден секого кој за прв пат се сретнува со тоа што се случува во Сонцето.
Сонцето крие многу големи мистерии кои астрономите преку својата работа се трудат да ги разоткријат. Една таква мистерија што ги мачеше астрономите со години наназад е тоа како температурата околу Сонцето расте колку повеќе се оддалечуваш од него?
Додека температурата на површината на Сонцето е некаде околу 6000 °C, температурата на неговата корона изнесува 2 милиони степени. Но, изгледа дека оваа мистерија ќе биде разрешена од британските астрофизичари кои по тој повод одржаа меѓународна конференција на Универзитетот Сент Ендрјус (St Andrews) од 6-ти до 9-ти Септември.

„Ова ти е како да бегаш од огнот што гори и одеднаш се наоѓаш во врела точка, која е илјадници пати потопла од самиот оган“ објаснува Др. Роберт Волш (Dr. Robert Walsh) од Универзитот „ Central Lancashire “, еден од коорганизаторите на конференцијата.
Теориите кои ќе помогнат да се разреши оваа мистерија се направени откако беа собрани доволно уверливи информации во врска со овој проблем од Вселенската Соларна Опсерваторија (SOHO), како и од мисијата на НАСА наречена TRACE. Влијанието на SOHO при ова истражување е многу големо бидејќи за прв пат можеше симултано да се вршат истражувања на магетното поле и ултравиолетовата светлина во атмосферата на Сонцето.
Ова коронално загревање, како што се нарекува овој феномен, се верува дека настанува поради силното магнетно поле на Сонцето.
Едно од решенијата е таканареченото браново затоплување (wave heating). Силното магнетно поле на Сонцето ги насочува брановите нагоре од неговата површина. Потоа овие бранови ја оставаат својата енергија во короната, исто како што обичните бранови од океаните ја оставаат својата енергија удирајќи на површината.
Енергијата од брановите мора да оди некаде и затоа го загрева гасот во короната до неверојатни температури. Второто решение зависи од можноста магнетното поле да се извиткува се до точката каде потполно ќе се скрши. Магнетното поле на Сонцето има пукнатини поради кои настануваат сончевите пеги и соларните експлозии.
Овие пукнатини доаѓаат до короната, се извиткуваат, а подоцна и се кршат. Кога ќе се случи тоа, тие испуштаат експлозивна енергија и одеднаш ги загреваат гасовите во короната.
Сонцето е единствената ѕвезда што астрономите можат подетално да ја проучуваат, но сепак многу прашања во врска со него остануваат неодговорени. Да се надеваме дека тоа ќе го сменат мисиите кои се планирани за во иднина како што се Solar-B, STEREO i Solar Orbiter .