Дома
 



www.e-books.com.mk/01poetry


Владимир Илиевски

Омеѓени предели

Длабоко утврден закон,
изборот чека
да си поигра со него.

Врз вителот на случајни гласови
потиснати со значење,
раширени контекстуални предели.

Стоиме и се гледаме в очи;
широките пространства на погледот
не се омеѓени
со високи повеќезначни планини.


Лето во транс

Истекува згора згура
здивена
во отворените усти клокотат
езера врели.

Со лепливи прсти
од презреана лубеница
ја мазнат косата
делејќи совети на наивните ластовици
да не гледаат во сонцето.

Потоа спокојни
легнуваат на асфалтот
полека испаруваат
сe повисоко,
сe пошироко.

Клетва


Проклет да си
Прометеј!
Проклет да си Ти
и твоето големо
алтруистичко дело!

Каде си сега
Крадецу
трупците
да ги исцепиш!

Реченичен Одисеј

„Секоја земја има свој Одисеј,
па дури и Норвешка"
Б.Г. и К.Б.


Прегрнувајќи ја Пенелопа Одисеј извикнува:
„Сложената реченица е синтаксичка
единица што содржи два прирока
а тоа значи две реченици
поврзани меѓу себе во поглед
на содржините што ги носат."
Таа се повлекува чекор назад.
Го гледа и молчи.
Заедно со неа молчи интерпункцијата.

Следна
  1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1