Дома
 



www.e-books.com.mk/01poetry


Владимир Илиевски

Заљубени

И Валери и Бретон
беа случајно заљубени во маркизата.
Случајно ја задеваа
и расплакуваа
како малолетни мангупчиња
кои не знаат како поинаку
да ги изразат своите чувства.


Рајот не е случајно загубен

Горските петли сосема случајно
се заглавија во дивиот кристал
иако со случајни удари од кикиришката
ја бранеа росата.

Кога рацете на заборавената жена
ненамерно туку случајно
покажаа полноќ на светливиот часовник
„Монд" со текстот на Жистер
се продаваше низ Париз.

Случајно беше 69-та.


Стариот и новиот камен во Ефес


На твоите улици е гужва,
а се слуша молк,
тоа молчи каменот
оној стар камен од дамнини
вграден во амфитеатрите,
втиснат во сокаците,
оформен во столбовите,
а оној новиот донесен
за реконструкција,
се труди да имитира

па и тој молчи,
трае,
во обид
да восхити.

Откритие


Тука, тука лежат одговорите
на сите можни прашања.
Зошто кислородот е без мирис?
Зошто шеќерот е кристален и бел,
а солта кристална и солена?
Зошто слушам со ушите,
а дишам со белите дробови?
Зошто сега е лето,
а зима по шест месеци?
Зошто пцујам во себе?
Зошто не трпам промаја?
Зошто и ова утро
морам да одам на работа?
Зошто жена ми ме избегнува
кога ќе се напијам мастика?
Зошто го варосуваме станот
секоја втора година?
Да, да точно е,
тука лежат одговорите
на сите можни прашања.

Петолетки


Во првата бев дете
во втората дете и пионер
во третата половина дете
половина младинец
во четвртата стручно се оспособував
во петтата академски граѓанин
а во сите наредни
морнар без копно пред себе
капетан на брод
опортунист и конформист
комунист либерал и фашист
актер циркузант и голубар
произведувач и потрошувач
член на синдикат
физичко лице
здравствено и социјално осигуран
редовен џокер меѓу
десетката и дамата
доволни за отвор
и за крај на партијата.

Претходна
 
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1