Дома
 



www.e-books.com.mk/01poetry


Владимир Илиевски

Патници

Собрани во прашливото купе
дотогаш незнајни
ги запозна
нивното заедничко патување.

Болката од претесниот простор
ја лекуваат со погледи,
штури разговори
и долги молчаливи интермеца.

Во случајно откриените
роднини, пријатели и теми
ги утврдија заедничките координати,
временски и просторни одредници,
пресечни точки
на нивните траектории
од раѓањето до смртта.


Пет беше часот

Пет беше часот
кога навредена маркизата
со влажни очи
ја газеше калдрмата
кон Друштвото на писателите.

По неа кучињата лаеја
а револверот во чантата случајно беше полн.


Заљубени

И Валери и Бретон
беа случајно заљубени во маркизата.
Случајно ја задеваа
и расплакуваа
како малолетни мангупчиња
кои не знаат како поинаку
да ги изразат своите чувства.

Нерасположение


Легнати
еден до друг
ја мерат
плоштината
на таванот.

Квалитет на вистината


Таа година многу врнеше
и грозјето беше лошо
па затоа и виното беше лошо
и локалните пијаници
почнаа да пијат пиво
што неминовно се одрази
врз квалитетот на
апсолутната вистина во универзумот.

Мојот град

Мојот град е величествена метропола
и во него сонцето
поблескаво од било каде сјае
луѓето се натпросечно пријатни
и допола отворени за интерактивна соработка
мачките редовно мјаукаат
кучињата не лајат на изнемоштени и бремени
поштарите се сите хетеросексуалци
со исклучок на два-тројца
но тие се шалтерски кртови
пензионерите не играат домино
само го разменуваат дупликат чеизот
на своите пензионерки
снаодливите бизнисмени редовно ги мамат
љубовниците со своите сопруги
врапците, гугутките и гулабите
не доручкуваат ронки од бурекот
на фабричките работници
реката замислете тече
дури и дожд понекогаш паѓа
а јас не можам да сфатам
зошто кога сонувам пајаци
врескам во сон
и се будам утоп мокар.

Претходна
Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1