|
Всушност, културата како појдовна точка во егзистенцијалната
авантура на поезијата им е заедничка на сите поети во
овој избор, иако во некои од песните што не се застапени
овде, ќе бидеме сведоци и на навраќање на природата,
типични за модернистичката поетика. Сите овие поети,
барем во песните со кои се претставени (песни кои според
мене се антологиски според степенот на задоволство што
му го нудат на читателот), имаат јасна визија за поезијата
што ја создаваат, иако таа се менува, се развива и се
наметнува во вид на нови или усовршени индивидуални
поетики. Метафората речиси и ја нема, а метономијата
создава приказни во песни. Кој не сака приказни? Поетската
изјава на Игор Исаковски „со старите поети ме врзуваат/
само слични географски координати" во песната „Жар
птица (Песната на вулкан) " која не е застапена
овде, е и програмска изјава на речиси сите поети од
овој избор. Александра Николова полемизира со постмодернизмот
„Нема етика во денешнава поетика/ Лавиринт од медитации,/
опсервации, сеќавања, мастурбации./ Легален тероризам/
во некаков постмодерен агностицизам", но и нејзиниот
поетски говор е таков. Таков е ставот и на речиси сите
останати поети. Противречноста меѓу праксата и теоријата
(што е последица на „модернистичкиот македонски тоталитаризам")
се разрешува во провокативни поетски текстови. Кога
младите поети навистина ќе се ослободат од стапиците
на оазата на лирската песна, како што некој ја нарекол
македонската поезија, кога нема да склучуваат компромиси
со традицијата, туку „ќе си го изнајдат својот сопствен
пат во таа традиција" како што велеше Блаже Конески,
ќе можат да бидат современи во вистинската смисла на
зборот со поезијата што се пишува во светот.
|
|
Културниот
дијалог е решавачки во тоа, и тој, кај многумина од
поетите во овој избор веќе се остварува, а резултатите
се: современа поезија и сe повеќе читатели. Во 2ХХХ
год. бездруго ќе може да стане збор не само за поетиките
на секој поет одделно, туку и за поетиката на оваа генерација,
секако, доколку генерацијата остане генерација во смисла
на еволутивноста на поезијата. Искрено се надевам дека
сите 20 поети од оваа книгичка ќе го продолжат она што
го започнаа: да создаваат поетски свет без врати и без
ѕидови во кој може сe што е ново, интересно, експериментално,
безобразно, луцидно, еретично, па дури и апокалиптично
ако тоа ја продолжува и ја збогатува поезијата со поезија
и со живот.
Во 2ХХХ год., „20.млади.м@к.
поети.00" ќе може да се довршува, ќе може да се
носи на пат, да се препејува на други јазици, ќе може
да се коментира, да се озборува, да се кине, да се фрла,
да се подарува за роденден, да се промовира, да се стави
на Интернет, да се студира, да провоцира, да инспирира,
а пред сe и над сe, ќе може да се чита в кревет, во
фотелја, на барско столче или на земја, дење или ноќе,
а морници ќе те лазат од задоволство, од сласт и од
страст, верувај ми! „Зашто поезијата во оваа книга ми
докажа нешто: дека ме посакува. Доказот постои: тоа
е писмото како наслада на говорот: негова кама сутра"*
|