|
1. треба да се информираат за феноменот наречен
„Малиот принц", литературен клуб од 1989/90 год.
во кој блеснаа, а не згаснаа имињата на Сашо Гигов Гиш,
Игор Исаковски, Јанко Нинов, Ана Пејчинова или на долупотпишаната.
2. постоеја и „Илунаи" на Филолошкиот факултет
во Скопје (но свеќите набрзо згаснаа, а и го згаснаа)
и „Ко-ра", а во мигов постојат „Мугри" кајшто
се сретнуваат и се с(т)удираат неколкумина од поетите
застапени во овој избор: Ивица Антески, Александар Кирковски,
Етернијан, Воилета Бончаноска и други;
3. постои наградата „Студентски збор" која би требало
да ја доделува Друштвото на писателите на Македонија
како рамноправна со останатите награди:
4. постоиме;
5. (не)кој се плаши од Вирџинија Вулф?!
Што се однесува до општата
слика на младата македонска поезија застапена во овој
избор може да се каже дека:
1. избраните песни се од последните книги (или од првата
и последна книга) на секој автор пооделно објавени до
крајот на 1999 год. Го одбрав овој критериум зашто мислам
дека последниот обид на секој поет во веќе исцрпените
19ХХ години му отвора поширока поетка перспектива во
новите, свежи, полни со енергија 2ХХХгод, отколку претходните
книги, ако ги има. Особено што „последната книга"
стоела подолго време кај издавачот, а во меѓувреме се
наталожиле поетски ракописи во фиоките, корпите за отпадоци
или кај уредниците на литературните списанија, ракописи
што смениле нешто во „поетиката во развој" на поетот.
Може да се каже дека поетиката на одделни автори е веќе
препознатлива и заокружена (Сашо Гигов Гиш, Аполон Гилевски,
Иван Додовски, Јанко Нинов) иако секој круг, ако не
може да се преправи, може да се прошири или да се стесни,
односно да се усоврши;
|
|
2. во
основа, младите македонски поети се обидуваат да излезат
од општата поетика на македонската лирска песна, иако
чекорот е голем и тежок. Песните застапени во овој избор
се антологиски токму според редунданцата на отстапки
во однос на општата македонска поетика. Во тоа лежи
новото, препознатливото тежиште на младата македонска
поезија: да се биде во културен дијалог со сe, со светот,
со вредностите, традицијата, но и со себе – тоа е основната
поетска (и програмска) порака на мојата генерација.
За жал, не сите поетски текстови од книгите на авторите
застапени овде го следат до крај самоизбраниот принцип.
Има и многу здодевни песни во тие книги! Но проблесоците
кои најавуваат една нова атмосфера, а во песните од
овој избор таа излегува на видело и го опфаќа читателот,
се кроки-скици на поетиката на 2ХХХ год. која секако
ќе се доразвива и дооформува, зашто поезијата е жив
организам, а не мртва идеја. Токму затоа овие поети
ќе бидат незаобиколливи во 2ХХХ год.
3. изборот започнува со Емил Калешковски и завршува
со Сашо Гигов Гиш и Ирена Павлова. Дури и меѓу најмладите
поети има најстари! Ако досега речиси сите претставувања
на последната книжевна генерација започнуваа со Сашо
Гигов Гиш, ова претставување го следи обратниот ред
на нештата и тоа повеќе од практични причини: од понепознатите
кон попознатите, зашто обратно е поризично. Читателот
обично по инерцијаја чита книгата од почетокот, а не
од крајот и за да стаса до Гиш и до Павлова ќе мора
да се соочи со целата содржина, освен ако не прескокне
педесетина страници зашто нема време или интерес! Но,
драги читатели, верувајте дека не само „Погреб"
на Емил Калешковски или „Кристифер" на Гиш се антологиски,
туку и оние меѓу нив. |