
Шефот на мисијата која ја испитува површината на Марс вели дека луѓето би можеле да слетаат на Марс во следните 20 до 30 години, под услов научниците да најдат вода на црвената планета.
Двата "роботи-геолози", кои делумно работат на сончев погон, познати како МЕР (Mars Exploration Rovers - возила за истражување на Марс), од јануари годинава испитаа околу 5 км од површината и кратерите на планетата, праќајќи на Земјата податоци за составот на планетата која научниците ја сметаат за сестра на Земјата.
На прашањето кога би можеле астронаути да слетаат на Марс, Артур Томпсон, раководител на мисијата на МЕР, изјави во интервју за Ројтерс во Лима, "Мојата најдобра проценка е за 20 до 30 години, ако тоа стане наш главен приоритет."
Двата МЕР роботи, наречени Спирит и Опортунити, открија древни докази дека некогаш таму имало вода во изобилство, што е важно за научниците да знаат дали порано имало - и може ли да има - живот на Марс.
Без вода, може да пропадне сонот за праќање астронаути на правливата планета, на која камењата се со боја на 'рѓа а зајдисонцата се сини.
"Ако не најдеме вода на местото... ќе биде навистина тешко да се пратат луѓе. Водата е клучот", вели Томпсон, кој беше на конференција на рударски инженери.
На таквата мисија би и требало 11-12 месеци да стигне до Марс и би било невозможно да се понесе доволно вода за астронаутите, плус доволно вода за да се создаде доволно ракетно гориво за враќање, за ладење на леталото и за создавање енергија на бродот.
"Ќе најдеме (вода). Ако ја има, ќе ја најдеме", вели Томпсон.