Дома
 



Роберт Алаѓозовски

Книжевен портрет: Александар Станковски

Еден несекојдневен писател

(кон книгите Фајл: дрогераш од Александар Станковски и Владо Манчевски, Темплум, 2000, и Вонземски приказни од Александар Станковски, Магор, 2001)


Александар Станковски е еден од најсестраните и најплодни македонски уметници, редок Микеланџеловски дух среде тесната специјализација на денешново доба. Тој подеднакво успешно се има опробано во повеќе дисциплини: сликарство, инсталациии, видео-арт, филм, есеистика, а во последниве три години се појави и со две прозни дела. Неговата проза е вистински настан во македонската литература. На работ на книжевното и филолошкото, провокативен, вулгарен, отворен, контраверзен, ерудитивен, Станковски отвора теми кои македонските склеротични и напудрени писатели немаше да го имаат како своја тема ниту во наредните две илјади години. Станковски во своите раскази тематизира настани од најновото живеење на нашето општество, тој прави врвна уметност за светот на македонскиот андерграунд, на зависниците од дрога, за странските војници и просечните македонските граѓани.

Радикална карневализација

Станковски во Фајл: Дрогераш воопшто не се труди да направи уметничко дело со врвни уметнички резултати. Неговата стратегија е да создаде андерграунд литература, со сета нејзина импровизираност, наивност, невнимание кон книжевните канони и техники на моделирање, користејќи буквално една бриколажна техника во диегетско-метафоричката димензија на текстот. Се разбира, создава многу повеќе. Ако ги прифатиме основните дихотомии со кои човекот уште од митски времиња се ориентирал во светот, горе/долу, возвишено/ниско, духовно/материјално и ако на првите им дадеме позитивна, а на вторите негативна вредност, ќе заклучиме дека „Фајл: дрогераш" е една, во Бахтиновска смисла на зборот, карневализација (прочитајте го Бахтин).

 

 

Значи тоа е постапка со која што се врши една инверзија, едно пресвртување на светот, во кој што негативните именители го преземаат местото на позитивните броители, се укинуваат јасните граници меѓу нив, односно на прв план се поставува материјално-телесното начело на животот. Карневализацијата е доследно спроведена на сите нивоа на наративниот дискурс-жанрот, темата, јазикот, карактерите, топосите, имињата и тн. Таа е засилена и со комбинацијата на адекватните постапки: гротеска, травестија, пародија, бурлеска, карикатуралност. Затоа е радикална. Целта на оваа радикална карневализација е да се спроведе стратегијата на еден поетолошки идиом - underground-от (подземјето) како субкултурен тренд.
Ако одиме по некаков наратолошки ред, изборот на жанрот е подземен. Тоа е „ниската" научна фантастика, но којашто кај авторите, за да се избегне опасноста од станување меинстрим ( што полека се случува и во светот но и кај нас) ја имаат дваж вакцинирано: со мешањето со жанрот на конспиративните теории како засведочена субверзивна литература и преку дополнителното травестирање на Сф жанрот, одвнатре, со пародизација на жанровските канони.
Темата на инвазијата на вонземјаните е травестирана со изгледот (и името) на туѓинците. Тие се Лајнеријанци и нивна светост е она што кај нас е отпад, тие се хранат со човечки измет. Самиот изглед на вонземјаните, канон во СФ-от, овде е остварен по урнек на наивните low-tech претстави од почетокот на векот, што е субверзивно во однос на денешните hi-tech и софистицирани претстави на туѓинците. Пародично е и тоа што вонземјаните не се супериорна, туку иста, дистопична, и превртена раса. Од друга страна светот на земјаните, не е светот на високите слоеви. Претставен е џганот, подземјето, маргиналните фаци. Најинтересниот лик во прозата, Тенеке Бавче Беј, е „кралот" на тоа подземје, и самиот претставник на еден деградиран, левантинско-азијатски свет, што како цивилизација наголемо е маргина, заод од историската сцена.

Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1