Дома
 



Роберт Алаѓозовски

Гротеската, како карикатурално-фантастично искривена слика на стварноста, најмногу е остварена кај втората голема наративна линија, светот на Морлоците. Кај нив деградацијата и банализацијата на мисловноста и емоционалноста е спроведена до крајни граници, со бурлескна грубост се карикираат ликовите и ситуациите, се разголуваат и вулгаризираат индивидуалните и социјалните мани, доминира простачкиот јазик и се депатетизираат мелодраматските секвенци (како на пример канибалството и силувањето врз хипиците).
Централен мотив на прозата е карневализација на застрашувачката социјална тема - злоупотребата бна дроги. И тука доминира веселата, антинихилистичка релативизација. Вонземјаните чудесно метаморфозираат од лајна во кристали на чист хероин и тука е постигнат максималниот лак на карневализацијата (...вселената ја населуваа џанациe.)
Со парономастичко искривување на имиња од вонтекстовната стварност (Маусдонија,Скотје, Гази Бејб, Минго, Курлауб, Зубица, Соре Бизоновски) пародизирани се сите топоси и ликови кои што се појавуваат во прозата. Ликовите се карикатурални, а топосите припаѓаат на подземјето (метроа, канализации, затвори, подземни градови, тунели, периферии). Со парономазијата и со некои многу јасни алузии се постигнува и силна општествена сатира, но тука, почетните импулси (непотизам, политички квазипринципи, политичко профитерство и сл.) брзо се напуштаат и се амортизираат со развојот во една поопшта алегорија (освен она што се однесува на едно конкретно градско гето). Со суперимпозицијата два познати простори се сместени еден на врвот од другиот. Фајл Доргераш на Александар Станковски и Владо Манчевски функционира на тој начин светот на Морлоците е на периферијата од светот на Маусдонија, а двата се познати географски краишта од Македонија.
Постмодернизмот е самосвест за сакатењето на културата и не е случајно што во неговата топика има толку распространети слики на сакати, протези, органи без тела и тела без органи. Преодот од дваесеттиот во дваесет и првиот век е цивилизација на на протезите, во која луѓето меѓусебно комуницират со посредство на уреди приклучени на нивните сетилни органи. Таму кај што органите ја губат природната заемна поврзаност во целосна организација се поврзуваат со протези: екрани, компјутери, телефони, факсови, интернет.
 

Сe се тоа протези на современата цивилизација, продолжувачи и замени за телесните органи, трауматизирани со вишокот на информации, што би рекол Бодријар. Една, се разбира дистописка, андерграунд, што ќе рече карневализирана епитомизација на Бодријаровите визии реализираат Владо Манчевски и Александар Станковски во Фајл: Дрогераш.

Во нивниот свет на чудна симбиоза меѓу високите цивилизациски достигнувања и подземните мутации, ликовите се мутанти, со чудни метаморфози на физичкиот изглед и разните карактеролошки специфики како што се Морлоците, Штакорот. Азијатскиот прототип Тенеке Бавче Беј е еден лезетен левантинец што во неговиот сарај ги има сите погодности. Тој е голем познавач и љубител на антиквитети, но по потреба, големата скапоцена теписерија со притискање на едно копче се претвора во голем екран. Тенеке Бавче Беј има цела низа на хемикалии што ги деформираат и реконструираат телата според неговите потреби. Тој, всушност работи на најголемата протеза: создавање на софистициран систем за прислушување кој треба да се изгради со телесно-мозочни модификации од разните подземни гадинки: стаорци, глувци, кртови. И вонземјаните Лајнеријанците изгледат како од визиите на Бодријар, но се разбира оплеменети со карневалескниот дух на двајцата автори, Лајнеријанците наместо глави имаат телевизори и големи сурли со кои се хранат и се служат. Ликовите на Манчевски и Станковски ја имаат впрочем најголемата протеза на современиот свет - зависноста од наркотици. Тие не можат без таа своја најголема ментална потреба.
Авторството (двојно) е пародизирано во оваа проза, но тоа е и причината што многу наративни секвенци и ликови завршуваат како заморчиња (или, како оправдување, со пресметана постмодернистичка фрагментарност). Со илустрациите на Александар Станковски, со дијалозите (во паратекстот стои дека ова прво била изведувана како радиодрама) постигната е и интермедијалност. Иако некои од сликите се многу успешна монтажа, сепак интермедијалноста е илустративна, нулти степен на интермедијалност.

Претходна
Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1