|
Вонземски приказни
Вонземски приказни е збирка од неколку
раскази во која авторот создава една постмодерна визија
за светот во која ги опфаќа сите преокупации на денешново
доба, видени низ посебната негова ирониска и циничка
призма. Приказните се вонземски демек не се од овој
свет. Значи оноземното, оностраното е на неколку начини
присутно во оваа проза. Постмодернистичката метафизичка
схема отскокнува од концептот на единствен материјален
универзум. Се верува дека нештата оперират на неколку
нивоа или степени на манифестација секое поседувајќи
своја посебна димензија и особености (доцен стоицизам).
Така материјалистичкиот плурализам оди рака под рака
со идејата за мултидимензионален универзум (квантна
механика). Она што модернистите го нарекуваат материја
се смета како најгрубото ниво на материјалното постоење
на универзумот. Суштината на битието подразбира постојана
креативна промена. Наместо кон логоцентричната реалност,
вниманието треба да се сврти кон фикцијата, имагинацијата
и периферните настани како што се парапсихолошките факти
(телекинеза, телепатија, видовитост), визии, магиски,
пророчки и мистични состојби на свеста.
Во расказот „Разговори во лимбот" од книгата Вонземски
приказни Александар Станковски прави една испреплетеност
од метафизички поими: лимб (католичанство), аури, вознесување,
телепатска комуникација, мантри и будистички аксиоми,
верувања за неуништливост на душата. Во „Le Hinki Magic"
идеја водилка е исто така индијанскиот анимизам. Во
„Мисија" го излага учењето за тројството на космичкиот
ум, користи хиндуистички чакри и зен-будистички техники,
зборува за субјективниот идеализам на Беркли и светот
на идеи и чистиот ум на Кант, вметнува голем цитат од
писмото на Бикот Што Седи до Претседателот на САД во
кое се образлага нашироко сеповрзаноста на светот. Средбата
со НЛО е искористена за објаснување на човечкиот универзум,
наспроти оној на вонземјаните. Во разговорот, средбата
со вонземјаните, која што може да биде и психичка проекција,
односно лош халуцинаторски филм под дејство на дрога
и алкохол, вонземјанинот тврди дека: „Нашиот вид е холограм,
претходница на вашето создавање, а контактот со нашиот
вид од страна на вашиот вид е продукт на вашата еволуција()ние
ве моделираме вас, а вие ја развивате и класифицирате
нашата феноменолошка структура." (Вонземски Приказни,
84)
Оваа проза ја пречекорува онтолошката граница, се соочува
со смртта, низ метафора на фикцијата. Пишувањето за
смртта Александар Станковски во „Разговори од лимбот"
го реализира како интелектуална расправа, и социјална
сатира на денешните светски геополитички односи, како
и социо-културните стереотипи и ним соодветните идеолошки
позиции со кои се обликувани ликовите во расказот.
Александар Станковски создава еден андерграунд поглед
на историјата, во која на потсмев ги става разните историски
ликови. Во една од неговите прози од Вонземските приказни,
Тито е претставен како фројдовски сексуален манијак.
|
|
Станковски врши и ревизија на познатата практика поразите
да се прикажуваат како победи: „Особено немој за Илинденското
востание. Мразам лузерски филмови. Но ништо не е така
ефикасно во творењето на митоманската база како што
се лузерските филмови, Троја, Косово, Аламо, Ватерло,
Виетнам, Авганистан... вКонечно некој мора и да загуби."
(Вонземски приказни, 32). Историските пасуси, интелектуалните
сопоставувања на гледиштата во Вонземски приказни на
Александар Станковски ја докажува стереотипизацијата
на нашите знаења и позиции за историјата. Така, историо-идеолошката
позиција на Албанецот е типична за нив, на Србинот исто
така, на Американецот, дури Станковски прави и разлаки
на стојалиштата меѓу белиот Американец, на жолтиот и
на црниот Американец. Историјата како параноична теорија
на заговор, во една искривена карневалескна структура
е прикажана во Фајл: Дрогераш. Таму Тенеќе Бавче Беј
се бори да го преземе приматот над воспоставувањето
на глобална контрола, создавајќи систем на прислушување,
супериорен иако гротескно-карневалесктен, Балканот,
Маусдонија е бојно поле на хероински војни и нуклеарни
тестови и генетски експериментирања. Во прозата на Станковски
на јазично ниво владее хетероглосија т.е. стратегија
на антијазик (специјализиран дискурс на девијантна социјална
група во негативна или во престижна смисла (затвореници,
масони). Антијазикот се развива низ систематска трансформација
на стандардниот јазик особено низ такви лексички процеси
како што е релексикализацијата (адаптација на стандардниот
свет во специјален, нестандардна употреба во група)
и прелексикализација (создавање синоними или блиску
до синоними за поими особено важни за групата). Антијазикот
е инхерентно дијалогичен водејќи имплицитна полемика
со стандардниот јазик и неговиот светоглед што создава
антисветоглед, контрареалност. Вистинска стратегија
на антијазик, на говор на луѓе од гетото, од урбаната
скопска супкултура реализираат Владо Манчевски и Александар
Станковски во Фајл: Дрогераш, при што и говорниот јазик,
и топонимите, и светогледот се проникнати во тој дух.
Во Вонземски Приказни Станковски секогаш ја користи
стратегијата на антијазик за да ги разлачи идеолошко-културолошките
позиции на своите ликови („Те фура у даун кога си лузер").
Интермедијалноста како побивање на жанровските граници
меѓу различни текстови и кооптирање на искуства од други
уметности и медиуми особено ја користи Станковски и
во двете дела. Тоа е интермедијалност меѓу ликовниот
и прозниот медиум при што тој меша прозни елементи со
илустрации, цртежи, стрип табли и друг ликовен материјал.
Стрип каишите употребени во Вонземски приказни на Станковски
се дел од неговата уметничка продукција и сосема во
склоп со неговата поетика. |