Дома
 



www.e-books.com.mk/01poetry


Наташа Бунтеска

Интимни подароци
(сe што и подарувам на оваа песна)

И ги давам на оваа песна моите две раце
кои заборавиле да зборуваат на живите јазици.
И го подарувам модриот град
кој се движи од една стравотна мисла.
Неговото поместување е, сепак, ограничено
на малото дно меѓу два рида.
И ја давам мојата претесна соба
и така се откажувам од неа.
И ја давам на оваа песна зебрата
што лежи на терасата од мојата сосетка.
И давам и една баба
што пука со ќорци на Месечината.
И го давам свирачот на школка
кој спие во мојата када.
И давам на оваа песна
лик од непозната претстава кој убедливо
повторува:
"Сe ќе биде прекрасно како што беше и досега!"
И давам на песнава неколку сетила повеќе
отколку на обичните минувачи -
- така нема да и избега вистината.


Приказна за почетокот и крајот на една друга приказна

Прво ќе оуштам две јата ѕвезди
по ѕидовите на мојот малечок затвор.
Потоа ќе ги соберам ноќните сеништа
и ќе ги заклучам под скалите.
Ќе ја затворам таму и темнината.
Ќе го нацртам Сонцето
и ќе му го обележам патот.
Ќе го отворам ковчежето
и ќе ги разместам птиците по небото.
Ликот на небото ќе го измислам
и ќе го натерам да се вљуби во мене,
во себе.
Ќе најдам нов збор за надежта.
Ќе речам: ноќ
и ќе ми умре векот под веѓите.
Ќе речам: ден
и ќе ми порасне топлина од прстите...

Миг подоцна, ако соберам храброст,
ќе се прашам:
да не е лажна сликата на мојата глава?
А потоа ќе ги застрелам
и денот и ноќта,
и птиците и сеништата;
Ќе нанишанам таму
од кај што доаѓа надежта...
И знам дека ќе паднам,
ако стрелам точно, во сопствената бездна.

Автосугестивна песна за растење коса


Мојата коса расте толку брзо
како приказната
за волшебниот грав е
легнувам кратко потстрижена
се будам гушејќи се во коса
која се прелева низ терасата
и го поплавува дворот
па и оној на комшиите
густите прамени се мешаат
со дрвјата од овоштарникот
чадорот за сонце се заплеткал во нив
по улицата истекуваат свилени бразди
денес комшиите сигурно
ќе задоцнат на работа
ох, колку е погубна оваа прашума
за жителите на Скопје
радиото известува дека
косата се шири и ја зафаќа земјата
а соседните држави вовеле вонредна состојба
нивните граѓани чекаат на граница
со ножиците в раце
или се иселуваат
во далечните царства
постои опасност целата Земја
да се покрие со кафена коса
САД веќе адаптираат населби на Месечината
ни највештите фризери
не можат да го оформат ова чудо
и никој не може да стигне до мене
и да ме истриже
мојата соба и мојата куќа
одамна распукаа од тежината
а мојот град стана епицентар
на светската несреќа

 

Минијатури, кратки тури, заборавени бури

4.
Најпрецизен погодок
во животот
ми е статива.


6.
Оставам случајот
да ме наниже.
Него раката
помалку му се тресе.

Следна
  1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1