Дома
 



www.e-books.com.mk/01poetry


Наташа Бунтеска

Нова ера

Пред почетокот на новата ера
ќе му заблагодариме на векот
за изневерената доверба.
И за мртвите деца во пејзажите.
Тие само што ги открија
злосторствата на мислите
и се вљубија во нивната моќ.
Излезени од раката на некој изморен бог
заборавија на линијата меѓу
мисленото, реченото и стореното.
Пред почетокот на новата ера
треба да ги смениме поетите.
Тие веќе не се видовити;
с# уште веруваат во смртта.
Да им дозволиме на неродените деца,
бесни што не им дадовме право
да ја пробаат осаменоста,
да седнат на нашите места.


Големата Мајка

Големата Мајка стои
налактена на прозорецот,
медитира на точката
во која се поттурнуваат
мракот и светлината,
каде се разбиваат настаните
еден од друг.
Си мисли: сешто тече,
а сепак, ништо друго нема
освен јас сама -
сошиена:
пола простор -
пола време.
Ја префрла тежината
од едната на другата нога
и гласно мрмори:

Каде ли е тој бескрај...

Потоа оди да го подгрее ручекот
за децата што секој момент
ќе се вратат од училиште.


Ден за мислење на сеопфатни нешта

Денес во тоалетот налетав
на ОГРОМНА !!! бубашваба
и ја удавив. После се каев.
Оправданија се наоѓаат секогаш.
Прво: ова е свет на крајности
кој деконцентрирано па-

 

-ѓа откако

одамна ја изгубил рамнотежата.
Второ: тој свет е безначаен
колку црнките од јагодите.
Ги спуштам ролетните
да не се гледа срамот
на моето лице. Се срамам
и од нашите вакумирани срца
понездрави од вакумираните
месни производи. Можеби
вселената не е ништо повеќе од
тетоважа на набилданата мишка
на Г-нот Бог, си велам.
Како тогаш да размислувам
за нешта што се сеопфатни,
а неопфатни?

Имаме право да бидеме луди
(со дозвола на вселената)

Обесени китови
врз телата на еукалиптусите
Имаме право да бидеме луди
со дозвола на вселената
Една риба се потсмева
на интимниот живот на цицачите
Ние дишеме со вкусот на праските
Имаме право да се гнасиме
од уживањата на нашето време
Јазикот и’ завидува
на совршеноста на мислата
Имаме право
да се чувствуваме обесправени
Во светот на фантастичните нешта
Поетите одбегнуваат да им се придружат
на космичките движења
Прогонета е бесконечната тага
на болните умови
Имаме право да бидеме лоши
примероци од нашиот вид
Имаме право да бидеме луди
со дозвола на вселената

 

Колекција

син сон син сон
бел сон порабен со златни и црвени конци
сон со траги од птичји стапки
сон заборавен во машина за перење
и испран со алишта во друга боја
повторно син...
сон за старите воини посрамени
во градовите од земјени куќички
каде нивното оружје (ко маѓепсано)
станува неупотребливо
жолт сон за лудакот
што цица од неидентификувана небесна дојка
од која истекува млечниот пат
еден сон блед ко мртовец
еден навистина мртов сон
и пак син сон на модра подлога
сон на една сликарка
полн со змејови бели и мазни
ко варени јајца
на крај еден страшен сон со мермерни птици
кои ни ја колваат косата
и ние неповратно ја губиме меморијата
уште еден мал безначаен
но син сон син сон син сон

Претходна
 
  1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1