Дома
 




Маја Апостолоска

 

***

Кога се зборува за младата македонска поезија, односно за поетските остварувања на најмладата генерација македонски поети, прво што треба да се истакне е тешкотијата сите тие да се подведат под еден поетички систем, првенствено поради хетерогеноста на нивните пристапи во обликување на лирскиот израз, како и поради различните сензибилитети кои учествуваат во градењето на нивниот поетски свет. Можеби тоа е основната причина што младите поети никогаш не презеле иницијатива да се пројават со некаков заеднички манифест во кој би ги дефинирале гледиштата за феноменот поезија, нејзината функција и цел, што би претставувало и еден вид оправдување за појавата на нов поетски бран. Точно е дека некои млади македонски автори дале свое видување во вид на манифести. Тука би ги споменала и прото манифестот на интегрализмот Постојното, плимата на Јовица Тасески – Етернијан и кусите програмски текстови Креација, Копулација, Напаѓајте и Вакуум простор на Ивица Антески, но за жал, може да се констатира дека текстовите од таков карактер биле пасивно перципирани од страна на преостанатите и не поттикнале ниту афирмативни ниту полемички дискусии.
И покрај диференцијалните црти што се среќаваат од еден до друг автор, сепак со многу внимателен прочит можат да бидат подвлечени неколку генералии што ги издвојуваат од претходните генерации македонски поети и ги групираат околу еден стожер наречен најмлада македонска поезија.
Неизбежно е духот на времето сите нив да ги обедини во една целина, па колку и да е таа разнородна самата во себе. Духот на времето им втиснува печат на нивните начини на мислење и на различни нивоа учествува во креативниот акт. Тоа не значи дека конкретниот општествено-културен контекст влегува во песната таков каков што е, туку дека, и при каква да е селекција и филтрирање на животните факти со кои младите поети се опкружени, во центарот или на маргините на стихот се очитуваат знаците на времето. И бидејќи времето во кое активно творат овие млади поети е буквално нападнато од вирусот на прекумерни информации од секаков вид, кои благодарение на медиумите се достапни за секого, не е чудно што нивните стихови се наведнуваат под тешкиот товар на истите.

  Особено забележлива карактеристика во нивната поезија се брзите скокови од едно до друго поетско спознание, енормниот број богати, навидум неповрзани поетски слики и пораки (дури и на рамниште на една песна), постојаната потрага по свежи и динамични лирски простори. Современата наезда на информации кои не водат до една апсолутна вистина, туку неа ја раслојуваат и ја прават полисемична, во стиховите на младите поети се рефлектира на тој начин што поетскиот свет не се концентрира околу еден семантички столб, туку дифузно се распрснува на мноштво парцијални елементи. Постојаното никнување на нови информации кои подоцна се демантираат и се прогласуваат за неважечки, предизвикува скептичен однос кон она што се нарекува вистина, што, пак, иницира иронизација и неприфаќање на спакувании вечни догми. Таквата состојба е причина за појава на детронизации на универзалните вистини и авторитети (без разлика дали се тие поетски или човечко, воопшто).
Воспоставувањето интензивни интертекстуални релации со книжевното и културно наследство е следната поважна карактеристика во поезијата на најмладата генерација македонски поети, без разлика дали тој дијалог е остварен експлицитно или премолчено.Митот претставува плодно тло за младите автори, кој во комбинација со современите човечки преокупации, егзистенцијални шеми и глобализации раѓа специфични конструкции. Притоа, мора да се нагласи дека овие поети поседуваат темелни познавања на архаичните, односно првични облици на човечката мисла, што им овозможува длабоко да проникнат во митските шеми користејќи ги како основа за преиспитување на општочовечките кодекси и верувања. Со редефинирање на митската структура и интелектуално манипулирање со митските категории простор и време некои млади поети дури и творат и сопствени митологии, кои најчесто имаат есхатолошки призвук. Сместувајќи ги митските ликовии ситуации во еден урбан контекст се создава чудесна атмосфера, што, од своја страна го подигнува нивото на очудување. Дијалогот со своите поблиски и подалечни претходници најчесто е во функција на преиспитување при што се негираат или афирмираат глобалните или парцијални философски и поетички системи. Тоа е можно да се самодефинираат во непрегледното мноштво на спротивставени идеи и спознанија
.
Следна
  1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1