Дома
 




Маја Апостолоска
 

Требаше да се заклучи

Дека е можно на друмско светило
да никне негација – можно е!

И (дека) ако идејата те зграби било
за рака, било за нос – твое е

дали ќе коленичиш на Дидактика
да спечалиш староформна умешност

или во енормна прилика
ќе го гониш гностички, со гнојна пцост,

кортексот по врат, по шија...
Важно е само да е здодевно и тажно*

И има и нема елоквенција.
Неважно е кога е здодевно и тажно...

А дека сe може да се порекне
да се даде отклучок – можно е!

(Луѓе, па како милувате, галувате!)
Требаше да се заклучи можеби само вратата.

(*алузија на стих од М. Ј. Лермонтов)


Песна

Замисли! По толку несразмерни одлагања
Oratio без одлагање и врза шамар во опасност.

Сакав да ти речам дека постапката
ја врза несериозно. Книжно се згрози:

„Кој беше оној со просечен раст
и грбави про..." (па и пенкалово веќе!)

Непосредно декорот се закатанчи...
Зборови, тешки, катиљи, ни такви, ни вакви...

Без одлагање во 5:45 рече:
„Ситно, е но вредно функционирам". Песна.

Почитуван господине Р.

Кога ветроглаво Ви дував и завивав,
џвакајќи го сонот на летната вечер,
публиката ме гледаше право в очи.

Витезите (скоро неранети од уплав)
богато влечеа стапки (да се рече),
ако ништо друго бар од мала почит.

Тогаш како напамет да е говорено
триумфираа безгласките и Трнот
(не од роза) благородно се перчеше.

Го доигрував, иако престорена
во низост, монологот на вошлив скот
така колку од нужност (да се речеше).

П.С. Јас (или Никој) бев Елена Нетројанска


Никогаш повеќе, Ленора!

Добрата соба
домаќинот го чека.
„Заиграј, веќе, мастилаво!"
Потем сините траги...

Благи ли се гробниците
насмеани за гости
та чукањето да е токмуглаво
со цело чекање
на птичјиот гргор?

„Застани!"

Декември во патетичен стрес
интересно продлабочува
версуси.
Мелодрами за мелолудаци!

Ленора, драга моја,
фигуративно заминуваш?

Следна
  1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1