Дома
 




Маја Апостолоска
 

Наследство

I
(...) Излезе потоа дека имало кратер
скоро без дно,
скор да немало спас,
скоро-поскоро да му бидеме залак.

Малаксува изразот...
Волјата двојно насочена
го дроби во уста (така буквално).
Околу шилци зборореди,
белуздрави догорчиња.
Околу само страв од последици.
Го има.
Го имам тоа наследство.
Го имаме.

II
Излезе потоа дека аскетски
се доживува гравираниот простор,
гравираните букви во него,
и не само тоа...

Земјознание
            "сепак се врти !"              

Колку-толку зеде
кружно да се придвижува
зазбивтано со нездрава
тркалезност.

Неминовни беа толку клада
по толку сонца и пожари
замаени жаришта...
Кружни епифании искрено се мрестеа

за земја не воздух и вода
ни златна изолација
ни златна средина
за центричен компромис.

Тешка Инквизиција
потпрена на китови
релативно замирува.

На витезите на тркалезните
маси и столови
им се сврте во главите.


Lassitudo
(заморни проникнувања)

Кристалните решетки
веќе ги нема,
ни огнените капки
миени од ветрот.
Дур’ тревите растат
скржаво ги земам
плодовите нивни –
прашинки на сметот.

Сe така дур’ чепкам по урнатините.

Писмо до Лаодикеја

„На ангелот на црквата во Лаодикеја напиши му..." Откровение 3;14

На умирање е твоето сонце
во зјадлив агностицизам
Во чистиот Логос,
во сејазични оди
се тревожат –исти и –изам.

Кога слепиот слеп води...

Очоболите се неретка вистина.
Во мрежа се фаќа
по црвениот златник
доволно гола дама,
чекори во ледена граѓа...
Ах, Лаодикеја, Лаодикеја!

...обајцата паѓаат в јама.

Срамно е невесто „чиста"
да милуваш едно па исто.
Ќе те изблуе Неговата уста.


Падот на новиот Вавилон

Градот нов дигноглаво се перчи
под стапките на Паднатиот
и сиот и сето
            се тегне до крајот.

Змејот (чиста метафора)
седмоглаво го прима
градот голем
до крилниците на синевината.

А жаби се накотиле,
ги скротиле снизените
со вик:
Милост,
Милост,
Милосрдност!

Во лов по Содома, Гомора
нов Вавилон
на трон со ѕверови...
...години наназад,
а чадот му се издига...

Претходна
 
  1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1