Дома




Маја Апостолоска

 
Наредна заедничка црта во поезијата на младите македонски поети е промислувањето на лирскиот креативен чин во самата песна.
свртувањето на поезијата кон самата себеси, што најчесто кај младите поети е во вид на игра или експериментирање, е знак за зрелост и упатува на фактот дека тие обмислено и со однапред подготвен концепт стапуваат во книжевната јавност.
Како последна во оваа низа заеднички особености би ја издвоила сериозноста во однос на јазикот како поетски материјал и свеста дека треба постојано да се бараат нови мотивирани јазични конструкции. Додека некои поети од постарите генерации упорно се трудеа да создадат нов збор со дотогаш неоткриена свежина, младите поети се повеќе заинтересирани за необичните синтаксички склопови. Нивните стихови ретко кога подлежат на закономерностите на строго подредениот ритам и римата. Се чини дека наративниот тон е нивната стилска доминанта.
Споменативе карактеристики не се важечки само и само за најмладата генерација македонски поети. Секако дека некои од нив се среќаваат и кај некои претходници. Меѓутоа нивната специфична интеракција е она што дава впечаток дека се работи за новина во македонската поезија.
И пред да преминам на кратка анализа на лирското творештво на одделни автори, да кажам дека акцентот ќе биде ставен на поетите родени од 1975 година па нагоре, со тоа што ќе бидат споменати тројца нивни непосредни претходници кои на извесен начин го трсирале патот на најмладата македонска поезија и ги сигнализирале почетоците на новата поетика.
Во творештвото на Лидија Димковска може да се увиди придвижувањето на поетскиот дискурс од модернистичката конципираност на поетскиот материјал до постмодернистичкото толкување на светот.
 

Нејзината последна поетска објава кореспондира со постмодернистичките лирски моделативни системи каде што се чувствува полифонијата на различни кодови, естетизација на секојдневните информации, хаотично испреплетени, но сепак, со нишка на силна иронија, па дури и автоиронија.

Низ трите досега објавени стихозбирки на Мишо Живковски се забележува естетска градација која се огледа преку згуснување на значенскиот слој на песната, како и преку тенденцијата на нов начин да им се пристапи на некои универзални теми. Македонската традиција и фолклор заземаат значајно место во структурата на неговиот поетски универзум, но додека во првите две културното наследство е во поексплицитна форма, во третата тоа е инкорпорирано на посуптилен начин.
Поезијата на Наташа Бунтеска се темели на раскошно креирани поетски слики, настанати со интеракција на разнородни елементи низ кои струи ехо на разградена митологија. Лирскиот субјект, кој има силно изразени женски контури, се движи низ расцепкан свет во кој идејата за целина и центар е невозможна бидејќи не постои една сеопфатна вистина која би била негов ‘рбетен столб. Големината и сакралноста на Бог, оној Бог кој содржи машки белези, се подложени на преиспитување.
Поезијата на Марко Петрушевски го тематизира градското секојдневие и животот на младиот човек чиј сензибилитет и дејствување се обликувани од урбаната философија на егзистирање. Во тој градски амбиент комуникацијата меѓу индивидуите е прекршена, а односите – дистанцирани. Со колоквијален поетски израз, зачинет со жаргонизми и нелирски елементи, овој поет допира навидум банални животни ситуации кои на крајот сепак поентираат со спознание или констатација од поопшти размери. Сето тоа е проследено со хумор и иронизација.

Претходна
  1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1