Дома




Маја Апостолоска

 

Хиперсемичноста настаната како резултат на необични семантички спреги, истражувањето на поинакви лирско-изразни можности и сериозната контемплација за есенцијата на појавите и предметите, се базичните јадра на поезијата на Јовица Тасевски – Етернијан. Во неа се артикулира еден свет кој функционира на опозитни парови: небо – земја, горе – долу, создавање – деградација, а кој најчесто кореспондира со библискиот философски систем. Речиси е невозможно да се пресретнат на исто рамниште злотрошните земски суштествувања и семудроста на високите инстанци.
Надреалистичката стратегија во обликувањето на поетскиот текст е стилската доминанта во поезијата на Ивица Антески. Примарни придвижувачки сили во неговиот поетски универзум се сонот и несвесниот дел од човековото битие, испреплетени со рафинирана еротичност и урбани елементи. Неговото трансжанровско експериментирање создава новитети во лирскиот израз. Речениците флуидно се прелеваат една во друга целосно ослободени од синтаксичките и интерпункциските ограничувања.
Највпечатливи поетски постапки во поезијата на Емил Калешковски се инфантилизацијата на лирскиот израз и аспект на видување на работите. Таквиот инфантилно-егоцентричен сензибилитет му дава за право да ги подложи на потсмев идеите дека светот и појавите во него имаат логичка или причинско-последична позадина. Неговата поезија се движи во апсурдни семантички координати со жестока иронија кон с# што претставува авторитет.
Поезијата на Александра Димитрова ја црпи својата животворност од еротската димензија на човековото постоење, но еротика ослободена од прозаичната вулгарност, која динамично стапува во интеракција со преостанатите егзистенцијални слоеви на лирскиот субјект. Максималната активност на сетилните и умствените перципирања резултира со појава на богати поетски слики поставени во градски амбиент и неретко пронижани со блага иронија.

И во поезијата на Александар Кирковски се мошне впечатливи дифузно распрснатите поетски слики и интересни семантички спреги чие ослабнато сврзувачко ткиво ја крши вообичаената логика и перцепција. Карактеристична е иронијата како средство за отфрлање на стандардните вредности.

 

Неговата недоверба кон општоприфатените закони се изразува дури и на јазично ниво преку отфрлање на нормираниот знаковен систем и создавање на свој сопствен, што, всушност, е надоврзување на дадаистичкиот поетички концепт.
Песните на Анета Велкоска гравитираат околу неколку важни онтолошки и поетички прашања. На оваа млада поетеса митот и е неопходна подлога за испитување и преиспитување на онтосот и генезата како на човекот така и на литературата. Низ необична игра со некои фундаментални онтолошки категории и нивна персонификација, Велкоска неинтенциозно се обидува да даде свое свежо толкување на состојбите во и вон човекот, внесувајќи доза на емотивност.
Поезијата на Наташа Сарџовска ги тематизира релациите лирски субјект односно јас-ентитетот и лирскиот објект односно ти како постоење. Обидите за меѓусебно испреплетување на двата составени идентитета се речиси невозможни, иако на моменти се чинат како остварливи, бидејќи тие се распаднати во нередот на урбаниот контекст. Песните се најчесто во форма на обраќање проследени со наративен дискурс.
Освртот за новата генерација македонски поети го завршувам со авторот Звонко Танески во чија поезија нема знаци на бунтовно отскокнување од претходниците, како што е тоа случај со преостанатите. Неговиот престап во обликувањето на поетската стварност е насочен кон откривање на различните можности и димензии на метафората. Песимистичката перспектива што Танески ја здржува во најголем дел од песните создава апокалиптична атмосфера.


(текстот е дел од рефератот прочитан при претставувањето на младите поети на Галичките книжевни средби 2002 година)

Претходна
 
  1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1