Дома
 




Иван Додовски
 
Утринско миење

Надојде тоа чудно обличје во дланките
тој сонлив, утрински допир со денот
Еве – грст, солзлива лоза на стар плач
затаена сила што тегне кон мрачни витли

Трепко недопрена од овој воден извор –
сe уште некој долу темно ми слови
бездопирна клетка, без име, без води –
сe уште спие тој ноќен угриз

тој тајновит ‘ркулец на магични зборој
ни водје ќе го мијат, ни бран дрочен од злато
ни зборливи реки што лечат со благост

ништо не ќе го скорне ова жилиште
ова старо прибежиште на ‘рѓосан збор и на мракот
О, залудни водје на Денот, о течење без истек, сe така...


Диња

Надојде дождот од шеќерни желби
Се отвори срцето со семињата

Се вртиш, се превртуваш:

Нож сум што те пара
кајшто е најблаго
кајшто е најслатко!


Оса

Лази стрвноста.
Машка плот сум. Лијан.
Гладна ли жед за медот
на моите пори!

Не звук, а тело –
под кожа бодеж ми спрема,
озарен во таен преграб
медарки да сонам

Се љуби смртно – смртна боцка
самата со себе,
никогаш повтор –

Миг, не вечност!
Таа мртва. Јас смртно пијан.

Ојдипод, аскет

Отаде светот отаде сe
отаде горчливите треви
отаде тежата отаде планината
отаде слепоста

Празна утко во мојата срцевина,
звучен припек а шуплина,
треба сe да сторам
од дивост лоза да припитомам
на мојата немошна половина –

отаде светот
отаде сe да појдам за навек
отаде видот видикот виделината
висот вирот вината
отаде сокот мој на умирачката
отаде солта отаде лагата
отаде вкусот на зависта
отаде суетата
отаде крвта
отаде потсмевот на стапалата
на секој опит на мената
отаде сe што е и сe што не е –

добра икро на мојот копнеж,
отвори ми ја
молитвата живејачката храната.


Љубовник

Лудост света!
Им нацртав очи среде мракот.
На амбисто му реков:
испружи ми постела
врз која светол ќе легнам,
телово мое да ги љуби
клетките свои и крвта своја.
Ај сега нека ме именува некој!


За гладот

Спремете си копнеж, спомнете си –
гладот ќе ни биде посока света:

тоа сум што моите заби го јадат
тоа сум што телото го пие со жедост

тоа што јас сум не јас сум
а гладот што ме тера Него да го јадам.

Следна
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1