Дома
 




Иван Додовски
 

Првата и втората смрт

Во мојата срж. Да во мене:
две ноќни и грди гостинки,
здив сум стишен и притаен,
- два гроба сум во еден.

Која е поголема, која појарка
која по чело боли а по грбот копа
кој крај е покраен од окотот
на тие две намернички?

Уште овде вкусот ? го сетив
на таа што првин ме виде
а потем вестулка беше за другата
ах – претвкус на невиделицата!

Срж моја! што се бориш смртно,
огној што креваш, што одѕвонуваш
што палиш бунт во темницата!
Не вели си: чекај. Не мисли на починка.


Одисеј

Таа е друг остров. Светлината!
А подвигот е радост.
И бездна пругорна.
Треба долго да расте.

Таа е виделината на аскетот.

Спомни си:
Ќе ме нема или распнат
ќе ја видам Итака!


Разговор со Палама

Ништо тие не разбираат.
Колку кротки се симнувам
за да не ме препознаат
во ужасот на непремостивоста.

Сам сум. И ме боли самоста.
А тие мислат ликувам!
Ликот никогаш не ми го видоа.
Слепи за посетата.
Задоволни во површноста.

Секој обид за говор
за казна ми го земаат.
и дури ме клеветат за трпеливоста.
Како да им откријам
оти чекам оти лелекам
по заедницата?

(Слушаш ли, Палама?)


Тајни записи


I
Спрегни ме сега во жила
што врзува котва и тоне.
Слези ме долу,
во потаја темна.

Око отвори ми
да зеркам ноќум
во грешноста моја!

Таму на прсти спушти ми софра:
чувај ме, чувај ме!

Една мала дремка
и ќе ме снема.


V
Никој нема да ме открие
кога ќе тргнам на таа прошетка.
Слатка тревого!

Нареди плочки по кои да минам
отаде поздравите
Ќерко моја,
што ме крепиш
што ми вети старост
пред да тргнам на овој таен аџилак,

- време е!

Претходна
 
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1