Дома
 




Иван Додовски

Уште нешто: на што мислам кога велам преобразба? Секако не на револуционерна преобразба на светот, онака како што веруваа футуристите. Јас мислам на преобразба на личноста, на преобразба што се состои, заправо, во непопустливиот подвиг да се верува дека е совршенството сепак можно. Тој подвиг на личноста, иако осаменички, е најважен. Писателот се плетка со несовршени зборови за да ја изрази совршената тајна, но јасно е дека со тие зборови тој нема да го преобрази светот. Сепак, неговата личност не престанува да се стреми и во тој стремеж таа се усовршува. Јас верувам дека е личноста најважна и тоа е мојата разлика по однос на современиците, кои мислат дека сe е само една обична и неповрзана игра, течење, безгранична семиоза на знаците во вид на случајни текстовни процеси зад кои не стои личност. Треба да се почне со отфрлање на деперсонализацијата за да се отвори видик на надежта.
Сето претходно е кажно за да можам сега да ја искажам главната мислата: писателот е странец во јазикот. Се разбира, кога велам писателот, тогаш мислам на себеси. Кога велам странец, пак, не му придавам на овој збор негативна конотација. Имено, погоре зборував за парадоксот на радоста во странствувањето. Значи, како го сфаќам странствувањето во јазикот? За да одговорам на ова прашање ќе се послужам со еден краток книжевно-интерпретативен коментар.
Најубавиот псалм во историјата на литературата што се однесува на странствувањето е 136 псалм од Библијата, напишан од поетот цар Давид. Во него лирскот субјект, кој е во множина – "ние", плаче и тагува за Ерусалим. Доживувајќи ја судбината на странец, и дури роб, во туѓа земја, лирскиот субјект е приморан да пее песна. Јас како личност сум роден во просторот и во духот на моќната византиско-словенска традиција во Македонија, онаа истата на која ù се восхитуваше Јејтс, и овој потресен псалм на цар Давид допре до мене во вид на една возбудлива интерпретација што е наследена од таа традиција. Таа интерпретација е натопена со пророштво и за да ја пренесам, треба повторно да го споменам, како што ветив, библискиот Адам, кој е икона на денешниот човек. Така: странецот во туѓата земја е денешниот Адам во светот; тој го пее своето сеќавање за неговата прва и единствена татковина, Ерусалим, градот на тајната, градот на заедницата меѓу творбата и Творецот. Но, тој Ерусалим, според авторот на Апокалипсата, св. Јован Богослов, не е денешниот Ерусалим, градот на војните и на смртта, туку тоа е небесниот Ерусалим на второто пришествие. Така го толкуваа овој псалм за странствувањето моите духовни предци. Во таа интерпретација се открива растргнатоста, раскинот на човекот, човековата драма. И што е уште поважно за мене – драмата на творењето. Според оваа интерпретација, творештвото, пишувањето е евокација за совршеното и плач по него, начин на постоење во светот во кој авторот-странец, поетот-странец е приморан да тагува по зборовите со кои ќе ја искаже неискажливата тајна за сопственото происходење и постоење. Но, да појаснам: овде не се мисли за творештвото како за романтичарска инспирација на генијот, кој е вдахнат од Бога.

 

Таа теза е површно груба. Како што веќе реков, зборовите што ги искажува човекот се несовршени. Но неговиот напор да ги најде совршените зборови што ќе ја искажат тајната е важна потрага. Тоа е странствување во јазикот, полно со опасности и со неизвесности, како и секое странствување. Но, литературата не заврши ниту со Хомер, ниту со Шекспир, ниту со белиот лист, празната страница на Тјутчев. Потрагата ќе трае како личносна вертикала кон небесниот Ерусалим, кон тајната, а говорот на литературата ќе трае сe до есхатолошкиот нов почеток, сe додека не се дојде во божествениот примрак (за кој пишува анонимниот Псевдо-Дионисиј Ареопагит), до прагот на тајната за Бога. Тогаш настапува молк, а во него почнува да говори најголемиот поет – Творецот. Поставувајќи ја оваа мисла и појаснувајќи ја, јас се обидувам да се одредам себеси во ерата на посмодернизмот. Јас ги одредувам моите разлики по однос на главните философски поставки на таа ера и не се откажувам од тие разлики зашто не можам да се откажам од неповторливоста на личноста и од нејзината апсолутна вредност. Затоа можам да кажам дека географските лутања по егзотиката на другоста, по шарените разлики на планетата веќе не претставуваат вистински предизвик за писателот. Така е тоа зашто на човештвото неповратно му се заканува безмилосно нивелирање на разликите, обезличување и унифицирање во атрибутите на културата на најмрачната верзија на тоталитаризам, наречена Нов светски поредок. Она што остана како предизвик е вертикалата на духот, подвигот да се најде не замена на Бога туку самиот Бог што некогаш беше прогласен за мртов. Само така има смисла и странствувањето во јазикот, кое го објаснив како подвиг за откривање на тајната. Јас знам дека малкумина ќе се согласат со мене, дека малкумина го прифаќаат овој предизвик, зашто сето ова може да се чини како излитена фраза. Но, тоа е мојот писателски етос и јас воопшто не очајувам. Во творечкиот дијалог со личностите од историјата на литературата пронаоѓам доволно истомисленици. Нивните имиња овде нема да ги споменувам. Можеби најдуховит меѓу нив е еден мој непознат современик од САД, кој под графитот што го цитира Ниче – "Бог е мртов", напиша: "Ниче е мртов Бог". Има во тој графит еден импулс на виталност што не се задоволува со мртви богови, туку го бара живиот Бог. Јас тоа го правам како поет и писател, странствувајќи во мојот мајчин јазик, македонскиот. Тоа странствување е радосно и вобудливо. Затоа, на крајот на веков, концептот "странец" веќе не го сфаќам како фаталистички концепт на отуѓувањето, туку како концепт на подвигот за повторното соединување.

(Во Битола, Македонија, 14. 08. 1998)

Претходна
 
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1