Дома
 




Игор Исаковски
 

Еден начин да се успее

Обично време е
и трезен сум
но сепак опчинет
од чепкалките и ластичето
на мојата маса.
со нив можам да
направам лак
и стрели
и да ги уривам ѕвездите
како метафори.
или да ја издупчам месечината.
за тоа Швајцарија добро би платила
и можеби конечно
ќе седнам на некоја друга маса
пијалок и јадење добро би дошле
и со вино ќе го разредувам
сосот од мандарини
додека некоја од оние
прекрасни жени од излозите
ме допира под масата.

Треба само да почекам
да се проретчат облацине.

 

Жар птица (песната на Вукан)

со старите поети ме врзуваат
само слични географски координати

јас сум жар и тотална негација
со доволно самопочит и вишок
молњи и ѕун

не познавам никакво минато
зашто горам низ иднина
како оган бескуќник

ноќум ковам диви коњи
за сечии ѕверски кошмари

Две влажни змии

во мирна модра вода
паѓаат крупни капки.
удира
тапан.
бавно.

се раѓа зелена змија.
мене постојано ми татнат
длабински тапани;
постојано те мислам.
паѓаат капки
на твоите раменици.

се извиваш низ воздишки:
додека сум во тебе
растопливо влегуваш во мене.

во твоите длапки
свират хипнотички кавали

 

Едноракиот човек

ти праќам илјада сништа
и црвена птица
од ова магливо дрво

не постои превод за моето име во ниеден јазик.
не постои доволно добар превод.
именувај го твојот син по мене
биди добра девојка
шири ги усните
кога ветрот дува
таму ќе биде мојот бакнеж
таму ќе бидат моите деца
со копнеж по твоите гради.
и кога брановите
ќе нацртаат
полукруг
на брегот
ќе знаеш дека јас
мислам на тебе
со Навик што е подобар од секој
Навик
во овој сино-зелен свет

Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1