Дома
 




Игор Исаковски
 
Барате инспирација?


минете крај ѓубрето
разговарајте со
бедата со циганот
што ги пребарува
вашите отпадоци

опијанете се
тешко за
неколку денови

отрезнете се

водете љубов
често и
бесполезно

шетајте низ маглата
плачете кога сакате
пцујте го светот
живејте сами
читајте
дркајте
пијте
молчете

и пцујте ја државата
и родителите
и пријателите
и непријателите
и самите себе
и мене

купете си алкохол
пијте сами
станувајте што подоцна
телефонирајте насекаде
не велете ништо
не ја чистете собата
не ги преправјте песните
ебете мноуг
седете на студ
под црвена свеќа

пишувајте што сакате
како сакате
најдете машина
за чукање
смејте им се на луѓето
пцујте сe наоколу
серете наутро
пијте кога ќе станувате
ебете добри пички
не носете наочари за сонце
шетајте ноќе
кога сите спијат
или се ебат
викајте
дерете се
слушајте вести
колнете ја скапотијата
мразете ги војните
кажете си нешто убаво
кога сакате да се убиете
и не се убивајте
подобро да убиете некој друг

не одете во ноќни клубови
читајте
слушајте блуз
и Бах
и Бетовен
посебно органа
качете се во
преполн автобус
на пладне
и околу три
и навечер
и трудете се да преживеете

возете се со ЈЖ
пијте топло пиво
во воз

убедувајте се дека
не знаете да пишувате
ценете го Салиери
зашто е мртов
и пишувајте слободно
без страв
без мерка
без поврзаност

читајте го
Буковски
Милер
никако Толстој
малку Хемингвеј
многу Достоевски
и Тарковски

пишувајте долги писма
само за еден човек

борете се за опстанок
острете ги забите
пишувајте кратко и јасно
читко и питко
одете со глава в огин
и возете се во преполн
автобус
и смејте се кога
шишето вино купено
со последните пари
ќе ви испадне од
потаната дланка
измочајте се врз срчите

уживајте во своите маани
не брзајте никаде
пишувајте како што мислите
не преправајте
не се плашете
барајте ја љубовта
но не премногу
чекајте автобус со часови
дајте му ги последните
пари на просјакот
и седнете до него
испружете ја дланката
дишете со полни гради
сомневајте се
19 XI 89

 

Телефонски девојки


тие се јавуваат
на мојот број
и обично
имаат пријатни гласови

помислувам
пред некоја година
.........
на поштенскиот бог
некој да го заврти мојот број
дури и по грешка
а тоа многу
многу ретко се случуваше

сега
изгледа дека молбите стигнале
до богот
можеби ако му пратев телеграма
ќе стигнеа побргу
но сега сето тоа
е потполно сеедно
и јас не можам да возвратам
на нивните јавувања

многу од нив зборуваат привлечно
многу од нив велат дека мастурбираат
на мојата книга
велат ми се јавуваат
од кога ќе се соблечат
велат јас сум бил вистинскиот
и покрај пиењето
и лудилото

ги слушам
чекам да се откажат
испивам неколку во меѓувреме

кога сум во криза
речиси успеваат да ме намамат
на пиење
но на крајот сe среќно завршува
и ретко која од нив
го врти мојот број повторно

оние што се јавуваат по трет пат
веќе ги сметам за добри познанички
веќе знам многу за нив
и за нивните типови од порано
и за вошливите работи
што мораат да ги работат
многу ретко се јавува некоја
со големи пари
но и таквите се по некое време
исти со другите
барем по типовите од кои што биле напуштени

понекогаш помислувам
сево ова треба
да се сними
би испаднала навистина налудничава книга
во неколку томови
но успевам да го повратам
оној минимум разум што го имам
и го затворам телефонот

 

Џинот, џуџето и кравите


кога се разбудив или
малку пред тоа
помислив повторно
сум задоцнил на работа. веќе беше пладне.
останав да лежам
со затворени очи
и згрчени
коленици
враќајќи се назад;
таа беше во мојот град и
беше љубезна и чудно нападна
и ми изјавуваше љубов
додека го менуваше ликот
за да ме остави на крајот.
рече: „јас сум ќерка единица и
сакам да ти бидам жена. сите пари
ќе бидат мои". реков не сакам
мислејќи на парите. таа веројатно мислеше
на свадбата.

и сништата се проклета работа
кога зборовите
заглавуваат
во грлото.

ја украдоа некои дебилни џинови.
ја барав во друштво на лицемерно џуџе
додека моите другари луѓе
влетуваа во дискотеките
како стадо крави.

Претходна
 
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1