Дома
 




Игор Исаковски

И така тие пијат кафе заедно

мојата зграда
е мала и бела
и во неделите
смрди од зачините
по становите

мојата зграда е
бучна
како лудница
и ми личи
на кланица

го мрзам архитектот
што го направил ова
гомно од зграда
и што поставил
балкон до мојот
прозорец што
гледа на иста таква
зграда

и го мрзам балконот
на кој што секој ден
излегува огромна
хистерична жена
тресе черги
вика по соседите
и го тепа своето дете

ја мразам таа жена
и го мразам денот
кога детето се родило
и ја пцујам
и ја мавам со празни шишиња
а таа преживува
како вештерка

и ги тресе своите черги
и вика по соседите
што имаат среќа
да не живеат во мојата соба
и така тие пијат кафе заедно
и таа го тепа своето дете
а понекогаш и мажот
а во саботните ноќи
ја вклучува машината за перење
што стои на терасата
точно во 1:35
машината работи
два часа тропа по мојата глава
а потоа сe е тивко
додека чергите
и соседите
и детето
(а понекогаш и мажот)
не дојдат
на ред.
19 септември 89

Клапнати раменици

седиш пред машината
како со празен пиштол
пред непријател.

неговиот е секогаш полн.

мижуркаш,
зафаќаш разни позиции
палиш цигара ако си пушач
си точиш нешто ако пиеш нешто
го подмачкуваш пиштолот и
размислуваш каде ли се куршумите
но висиш
пред машината
со клапнати раменици
и тоа трае,
долго, ти се чини
ти се чини безизлезно
но не е машината она
што те мачи

размислуваш околу тоа
дека не си помислил на читателите

тоа ти се допаѓа
исто како и фактот што
пред никого не си обврзан
да пишуваш поезија

размислуваш околу музиката
но понекогаш ти е навистина сеедно
што свири и дали воопшто
свири

одеднаш
непријателот испукува
право во тебе
разбираш дека си совршена мета
и додека од тебе истекува
темна крв
некој друг
пука со машината по светот

Претходна
Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1