Дома
 



Бобан Богатиновски

Последната слабост

потсети ме на убавото
на заборавениот запис за совршенството
потсети ме на сонот за гасениците
на тајниот живот на коралите
потсети ме
на насмевката на виножитата
на брезите од улицата на соништата
потсети ме на убавото
на најубавите кули од карти
на добрината – старата изглодана коска
потсети ме
можеби ќе се предомислам
во овој претпоследен миг
со копачот пред да замавнам
во огромното колено на космосот

До крајот на светот

--------------------------------------
и така тоа продолжува
--------------------------------------
наеднаш ѕидовите
сами од себе раѓаат прозорци
ти го подотвораш источното око
и се прашуваш --------------------------
----------------- исто ли е сонцето
што изгрева и сонцето што заоѓа
-------------- исто ли е ----------
го отвораш и западното око и гледаш
----------------------------- умот на светот
се уште се држи на две тенки пружини
едната од злато другата од светлина
а си сонувал . . . . . . . . . . . си сонувал
како и децата пишуваат поезија
---------------------------------------
и така тоа продолжува
----------------------------------------
а наеднаш ќе исчезне се
ако само за миг за миг само ако
Господ престане да мисли на нас

о господе
тажен пресоздателу на вселената

наеднаш го препознав својот татко
наеднаш ја препознав својата мајка
наеднаш ја препознав својата жена
своите браќа и своите сестри
облаците на своето детство
и првите напишани стихови
наеднаш Ве препознав О пријатели мои*
водопадите светлина од вашите очи
рацете што упорно ја тргаа правта од книгите
едноличниот и навидум рамнодушен глас
на учителите по филозофија
наеднаш Ве препознав
о водо о сонце о небо
о љубов безгласна молитво на цвеќињата
о господи боже тажен пресоздателе на вселената

(* еве токму сега

Ви мавтам од мојот син балкон)

се разденува
а твоите очи сe уште светат

ги затвора таа книгите**
полека ја трга завесата
душата на градот
штотуку почнува да живее
и го згаснува светлото

најпосле
крај е на денот

и останува уште само
толку време колку да се помоли
о тој краток и блескав миг
кога повторно се враќа
изгубената врска со вечноста
и клепките веќе сами се склопуваат

подоцна
нејзините очи ќе почнат да светат


* * *

ги ставивме своите души во стаклени кутии
о боже ... како меури од сапуница ли сме

(** после полноќ

стариот добар Достоевски

крајно е опасен за читање)

Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1