Дома
 




Ана Пејчинова
 
Јаков Предизвикувачот

Не е ли веќе доцна, Јакове?
Денот е мрачен и долг,
патот се шири празен.

Го познаваш добро веќе -
камчињата, сивилото,
вазните што се наѕираат невообличени во карпите.

Му ветуваш на Бога дека не ќе веруваш веќе,
дека никогаш не ќе Го побараш пак.
Но сe уште го гониш својот Ангел,
својот предизвик на кршење.

Повикот ти е злобен од самотија веќе.
Никој не те пресретнува, о Јакове
од седумте земји на невидливиот Бог.
Никој не се пушта да ја потврди или одрече
младешката тврдоглавост чија дрскост завети цел еден народ.

Што ако Предизвикувачот никогаш не дојде?
Што ако се вратиш здрав, но зол и тивок?

Та зар само куците и скршените од Бога
можат да го водат народот
до уште едно парче ветена земја,
преку уште една провалија на бесшумно проклетство
што, ете, веќе ти го покрива семето.

И ти ли си еден од оние
кои се молат само скршени
кои се молат да се скршат
и го бараат својот Кршач
само за миг да осетат
божественост во колковите?

Сонце-змија

На долг брег
со снажно сонце врз крилата
седам, без минување.

Со прсти што свират
по сластите на светот,
мократа почва, благородното тревје,
штом ко змија ријам страсно,
гризејќи планини, камења, стебла моќни,
џвакајќи го воздухот толку леден,

а телото ужасно
длабоко одекнува,
тапани,
врз моќната Земја.


Ѕвер

Раснам, така…

Секој ден
Рацете ми се
Подолги,
челото високо
на кора
наликува.

Гледајте,
јас сум жена од моќ!
Сe повеќе грабам и губам
од ѕверставата свои.

И со секој дар на телото
Смртта повеќе од мене има.

Следна
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1