Дома
 




Ана Пејчинова
 

Годишен циклус на одот

Вдишувам полека - свечена сила.
Вдишувам полека- растемелен дом.
Онаа Земја и сонот ми го скина.
Најтежок коан е овој, премолчаниов.

Застанав случајно, прататко Јов,
и седнав да ја гледам осамата:
солени мигови набодени на школки;
само Небоно ја собира вжештенава пена.
Ќе ти исплетам џемпер од алги и песок.
Знаеш. Ладно е, прататко Јов.

Има ноќи кога сонувам дека чекорам.
Има чекорења кога мислам дека сум крв.
И така горда и взалудна и снажна така гола
Ја оставам Ноќта и заминувам.

И ти, Љубов, што ме забиваш
меѓу ребрата на облаците,
кажи ми, каде те губи Патот,
каде застануваш да ги пречекаш сјајовите
кои доаѓаат да ги разбудат
оние што не памтат
и не забораваат?


Пустелијата на Нарцис

За ова лице ли се симнав?

Најгорко љубам празен и сам.
Во бездно мојот лик се витка.
Ко ноќ висок стојам
плашејќи ги птиците
со гневот што не замирам.

Куќава има праг од носечко небо.
Молњи низ продори никнат.

Светот замолкнува заробен во круг.
Пролетувам тајно низ ѕидовите на бездното.

Глад

Има глад само една.
Има глад ко доба и мена,
Ко крв страшна и вечна скоро,
Ко волчја моќ во штама седната.

Крв има една, една злост
ко тивка пцост залепена за море.
Безмилосни бранови горењето што го болат.
Има болна крв ко шуплива болест.

Има едно море што без одмор бие,
крв по сите окна што еднакво толчи,
Има едно име кое не се молчи.
Има злост една во сите нас што спие.

Завет со небото

Небо, ајде да се заветиме:
ништо не ќе се попречи
помеѓу твоето чело и моето.
Ни зимен растеж, ни сенка, ни дожд
не ќе ти го земе местото во собава.

Често спијам за да не сонувам.
Си ме видело како грешам и продолжувам пак.
Сепак, ниту трепна, ниту грб ми заврте
ниту падна толку ниско да се вмешаш.


Вториот живот на воинот

Срцето од рани на зло се намерува.
Така Воини светот си го бранат:
тивки, на брана заспиваат
и модра зима ги преплавува.

Потем,
Воинот во Убавица се буди
со коски ко издишка,
со очи ко изгрев.
крвожедот го брани.

Сега светот од убавина да се спаси треба.
Најжална зима
кога Убавици нема.

Претходна
 
 
1 2 3
Hosted by www.Geocities.ws

1