Дома
 




Никола Маџиров

Магичен театар

Ѕвони
Поштарот е побрз од
звукот на ѕвончето
Обвиен во ангелска наметка
секој ден носи
по една страница
од Новиот Завет
Над листот
го креирам театарот
(нема ништо освен воздух)
а јас го играм воздухот
Влегувам во утробите
на гледачите
им ги предвидувам соновите
два часа однапред
99 насто од луѓето
си прилепуваат крилја
а штом ги отворат очите
посегаат по чаша вода
и лажиче шеќер.


Не можам

Паѓа дожд
Лежам со смрзнат поглед
во таванот

Чајникот дава знак дека гори
Шаховски фигури паѓаат
под креветот
Добивам понуда на мојот E-mail
Рерната убива уште една птица
Сосетката доаѓа да водиме љубов
Нејзиниот маж на партија шах

Но не можам
навистина не можам

Паѓа дожд
а мајка ми вреска
како сум можел
креветот да го изнесам надвор.


Тој сe уште го бара семкарот

Татко ми ме носеше на фудбал
а јас одев заради семките
Татко ми го носеше весникот за седење
а јас за дорешување начнати крстозбори
Татко ми стануваше во мигот
кога сите ќе станат
а јас кога ќе го здогледав семкарот

Беше тишина на стадионот
Присутните зјапаа во мене
кога ги грицкав семките
(главниот судија гризна од свирката)

Му се лутам на татко ми
што ме остави сам.


7

Вршев прељуба
Само кому
И двете ги љубев.

Записи

На паузата меѓу песните
те слушам како зборуваш
додека спиеш
а на крајот од лентата
ти си веќе разбудена
и ми го раскажуваш сонот
„Знам Знам"
те зачудувам
додека се чешлаш
и ја свртувам касетата
на страна Б

Таму е запишана
твојата будност.


Ехо

КОЈ Е МОЈОТ ГРАД
КОЈ Е МОЈОТ ГРАД
КОЈ Е МОЈОТ ГРАД
КОЈ Е МОЈОТ ГРАД
КОЈ Е МОЈОТ ГРАД
КОЈ Е МОЈОТ ГРАД
КОЈ Е ТВОЈОТ ГРАД

КОЈ Е ТВОЈОТ ГРАД
КОЈ Е ТВОЈОТ ГРАД
КОЈ Е ТВОЈОТ ГРАД
КОЈ Е ТВОЈОТ ГРАД
КОЈ Е ТВОЈОТ ГРАД


Хаику:

Пешачки премин.
Една пеперутка
мина на црвено.


Карта на светот.
колку си ми далеку,
дури две-три педи...


Низ улиците,
една ластовичка
слалом си вози.

Паѓаат ѕвезди.
Си замислив желба: да
паднат на меко.


Зелено светло,
а никој не минува.
Три по полноќ.


Згради. Недела.
Со тепих ја покрија
нашата статива.

Hosted by www.Geocities.ws

1