Во своите
поетски остварувања Маџиров врши вивисекција на реалноста,
поттикната од поривот за надминување на материјалните
ограничувања. Стожер на ова е духовното љубопитство на
овој поет, односно, неговата волја за осознавање нови
хоризонти.
Паралелно со оваа идејно-мотивска оска на поезијата на
Маџиров, во поголемиот број лирски остварувања е присутна
свест за минливоста којашто тој ја прифаќа како неизбежно
својство на материјалниот свет и поставувајќи се кон неа
како homo ludens го отфрла нејзиниот трагичен пласт.
Разгледувајќи ги структуралните карактеристики на оваа
поезија мошне лесно може да се увиди дека во неа лирскиот
субјект речиси неодминливо е експлицитно присутен и исклучително
рефлексивно активен, при што со брзи промени на аспектот
од којшто ни е прикажуван предметот на певот, Маџиров
постигнува илуминативен ефект.
Сето ова е врамено во еден комуникативен поетски дискурс
од метонимично-наративен тип.
Досегашниот поетски фонд на Ивица Антески се одликува
со широка тематска разнообразност. Притоа, во неговите
лирски остварувања рефлексивноста е високо поставена и
има симбиотичен однос со естетизираната емотивна тензија,
така што како краен ефект на ваквата поетска конфигурација
се добива емоционализираната мисла.
Исто така, кај Антески може да се сретне и еден вид осовременување
на старогрчката митологија, односно, митологизирање на
современоста, што се постигнува преку сместување на фрагменти
од технолошкото општество во митолошки рамки.
Поезијата на Антески се одликува со единство на сликата
и на ритамот, при што би требало да се истакне дека сликовната
димензија на неговата поезија претставува препуштање на
несвесниот тек на слободните асоцијации, што неретко како
конечен резултат го дава парадоксот. Ова, пак, е во содејство
со имплицитниот и експлицитниот интертекстуален однос
на неговата поезија со надреализмот.
Осврнувајќи се кон лексичкиот фонд на поезијата на Антески
би можело да се забележи дека тој претставува јазична
легура образувана од интелектуализми, техницизми и натурализми,
при што овој автор врши инвентивно сопоставување на овие
типови лексеми, образувајќи мошне интересни метафорични
конструкции. Во оваа насока се и графичките експерименти
на Антески, односно, поставувањето на интерпункциските
знаци како семантичко тежиште на песната.
|
|
Како доминантни
поетски принципи во версифицираното творештво на Маја
Апостолоска би можело да бидат издвоени автореференцијалноста
и интертекстуалноста. Истакнувањето на фактот дека поезијата
на Апостолоска се карактеризира со нагласена автореференцијалност,
консеквентно, укажува на тоа дека оваа поетеса длабоко
ја промислува својата поетска постапка, односно, темелно
го гради својот лирски концепт. Истовремено би можело
да се прибележи дека освен тоа што интертекстуалноста
во досегашните лирски остварувања на Апостолоска мошне
често е неделива од автореференцијалноста, таа е непосредно
сврзана со тенденцијата за полемизирање и проникната е
со иронија која има интелектуална основа. Следствено,
поезијата на Апостолоска би можело да се определи како
симбиоза на интелектуалното и креативното.
Заокружувајќи го разгледувањето на поетските остварувања
наАпостолоска од идејно-мотивски и од тематски аспект,
не би требало да се одмине и фактот дека во значителен
дел од нив е присутна метафизичката тематика со етички
елементи што има библиски происход.
Анализирајќи ја структурата на поетскиот израз на Апостолоска
би можело да се заклучи дека оваа поетеса има изострен
усет за јазикот како основен поетски материјал. Нејзината
поезија се одликува со висок степен на фигуративност,
односно, со исклучително густа фреквенција на сите типови
стилски фигури. Исто така би требало да се истакне дека
Апостолоска мошне успешно го естетизира и лингвистичкиот
дискурс, при што во нејзиниот лексички фонд често се присутни
сциентизмите. Ова е несомнен показ дека естетската димензија
на лирските пораки на Апостолоска е мошне изразена и дека
оваа авторка може да го носи епитетот - poeta doctus.
Поезијата на Емил Калешковски го прикажува овој автор
како мошне интересен, интровертно-бурен поет, кој поседува
исклучително богата имагинација. Неговиот специфичен сензибилитет,
во корелација со широките сознанија од старохебрејската
митологија, го водат Калешковски кон пародичен израз на
библиската тематика. Притоа, ироничниот однос кон традиционалните
вредности ја приближува поезијата на Калешковски до постмодернистичките
струења. |