Дома
 




Ивица Антески
 
Ти се возбудуваш...

Ти се возбудуваш толку прекрасно толку чудесно
стануваш заразна за ноќта
ти милувајќи се се возбудуваш толку прекрасно
толку чудесно толку твојата блага уста го шепоти
моето име што станувам апстрактен од петиците
до главата толку станувам чудесен што
ти почнуваш да се возбудуваш
целата прекрасна и чудесна
во твојата чудесна пеперуга си го слушам
името како во школка да наоѓам бисер

Ти се возбудуваш толку прекрасно толку чудесно
ти се возбудуваш секогаш далеку секогаш пријатно
и секогаш јас се возбудувам толку прекрасно толку
чудесно ти самата се вљубуваш толку возбудено
толку страсно толку себично ме сакаш
ти си толку чудесна
толку природна


Сладострасно око усте

Поради нејзиното сладострасно око
поради нејзиното сладострасно усте
поради нејзиното сладострасно око
се врти сладострасно земјата
поради сонцето
поради лушпата на нејзината осаменост
и поради нејзиниот сладострастен мирис
се покажува на исток нејзината цицка
нејзината голема вљубеност
нејзината треперливост и само таа
знае зошто нечешлана
нељубена
речиси ничија останува

Поради нејзиното сладострасно око
поради нејзиното сладострасно усте
и поради јазичето на вселената
сласта бунтот љубовта
поради нејзиното сладострастие
поради окото и поради устето
на нејзиното тело

Твојата долга руса коса...
(според Аполинер)


Твојата долга руса коса долга
руса коса ја сакам ја сакам
сe што ти блиско го сакам
го допирам сe што си ти
го држам додека твоите ноздри
треперат те сакам додека
трепките ти треперат додека
стануваш течна те држам твојата долга
руса коса твојата долга
половина додека течна трепери
ја сакам ја сакам ја сакам

Сe што ти е блиско твојата долга
руса коса толку многу толку
многу ја сакам твојата бела мека
кожа ја сакам твојата долга
руса коса твојата руса коса
ја сакам ја сакам ја сакам


Кога се соблекуваш…

Кога се соблекуваш имај го
на ум тоа дека твојата
вечерна гардероба е будна
до утрото не ја оставај
слободно да се движи низ
собата навечер црвената
светлина во твојата соба
ги озрачува суштествата скриени
во тајните простори под
креветите

Твоите омилени фотографии
остануваат без жители додека
ти спиеш тие се
договараат околу твоето
расположение следното
утро

Следна
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1