Дома
 




Ивица Антески
 

Ангелите...

Ангелите се бакнуваат вистински и со
смелост на девица во устата полна со
мириси и со пијани морнари со море
што си ги отвара шишињата полни
со ангели во бели палтенца и со бели
куферчиња со спокојни очи втренчени во
маглините на фенерчињата на очите втренчени
замаглени и спокојни

Ангелите никогаш не забораваат вистински
да им кажат на децата за пијаните
очи за пијаните усти за пијаните девојки
за пијаните херувими и за пијаниот Јас
за мојата пијана смелост и за моето
пијано морнарување


Учам...

Учам да пуштам долга коса
учам да пуштам брада учам да
исчезнувам во општеството од време
на време ме посетуваат службите
за бричење и службите за шишање
ме подбричуват ме потстрижуваат ме
учат да ги исфрлам од употреба
зборовите што значат чисто
самољубие ме подбричуваат
со уверувањето дека насекаде
ме следат невидливи растенија

Ме потсетуваат дека во
автобусот со број 24 до
мене седи еден безгрижен
бог
потоа останувам во општеството
во автобусот во природата недоучен
како се пушта коса или воопшто
како се пушта брада во
мислите ми останува
сликата на нож вбоден во
парче овчо сирење


Ноќ

Дојди возбудена не постои поинаква
љубов од нашата љубов ако
не ми прозбориш вечерва веќе
не ќе можам никогаш да заспијам
дојди дојди возбудена во пижами
во воздушна облека во ништо
дојди ако не ми прозбориш вечерва
веќе нема да можам да молчам
дојди возбудена не постои тишина
што може да нe замолчи
не постои возбуда ако не ми
прозбориш веќе нема да постои
ноќ

покрај воздухот

Седнуваме во медиум
јас кирковски етернијан
мојата маја маја на
етернијан маја на
кирковски
нашата наташа
и јанковски потоа
доаѓа и марија г.

Во аголот едно момче
лежи на подот и
дува во едно купче пепел
очите му се црвени
лицето пеплосано
и никој не му обрнува
внимание на овој дел од
ентериерот
навистина оригинално

Јас и маја побрзуваме
да си заминеме
и што побргу да им
се вратиме на нашите
бескрајни прошетки
покрај вардар покрај
автомобилите
покрај воздухот
сe додека не си замине
и последната петка

А потоа пеш сам
до дома


Птици...

Птици
им го дошепнувам сонувањето
за твоите прсти нивните
нежни перничиња

бакнежите розевото
сета болка во чашата
на сонот искривувањето
на телото

страста ништото
во кое тонеме
молкум

испреплетени во
мрежата на
ноќта


Од светлината...

Од светлината на амфитеатрите испливуваат летечки ангели со бели куферчиња од нивните фенерчиња до моите очи е растојанието во кое се можни сите работи што сум ги запишал постојат таму лирските пејзажи на богот што се вози во автобус кој поминува низ еден урбан предел во кој луѓето испаруваат од своите чевли и во кој е забрането да се пушта долга коса од светлината на амфитеатрите истрчуваат и луѓе светли како озрачени кристали така што дури и лицата им светат тие трчаат по улиците и ги зафаќаат сите слободни места по кафеаните нивните прсти предизвикуваат пожари секаде каде што ќе допрат нешто од светлината на амфитеатрите исползуваат долги каиши и нe врзуваат нас смртниците за нашите сопствени тела ни ги исцицуваат харизмите и стануваат неми предмети на кои дури и забораваме во секојдневната рутина изутрина гледајќи ја светлината ќе се прашаме себеси зошто веќе не се појавува во нас никаква лирска расположба

Претходна
 
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1