Дома
 



Емил Калешковски
 
Битие

Врховниот бог брзајќи и
стегајќи го цврсто ременот
од панталоните влегува низ
вратата на која пишува: WC. Поради
големото брзање
не ја прочитува
дополнителната порака
напишана рачно со пенкало (на хебрејски):
Во дефект.
Ја пушта водата
и полека излегува со израз
на лицето што искажува
олеснување и блаженост.
Испуштокот преку големиот
отвор на дефектниот одвод
излегува (сосема ненамерно,
и спротивно на волјата
на врховниот бог) во бескрајот
на семирот.
Од него настануваат: планетата
Земја; животот, растенијата,
животните,
луѓето.


Виолончело

Кога дуваат зелените
ветришта од исток
и кога човекот ја
сече бандерата мислејќи
дека е огревно дрво
тогаш ти си
тажен.
Престани да бидеш тажен!
Внеси радост во своето
суво срце!
Погледни кон онаа
девојка што свири
на инструментот
што го држи помеѓу
нозете.
Тоа е виолончело.


Погреб
или
Боговите дограмаџии прават саркофаг за земјата

Чии се штициве?
На оревот.
Чии се заковалава?
На ковачот.
Кој сум јас?
Не знаеме.
Кои сте вие?
Богови дограмаџии.
Што правите?
Саркофаг за земјата.
Зошто?
Ќе ја закопаме.
Дали се разбирате од погреби?
Да, ние сме богови.

Почеток

На секој почеток
луѓето се враќаат
тука во оваа
точка --> •*

Од преголема употреба
таа сега е
излижана и изгледа
вака --> o

Затоа тие решија
да ја поправат…

***

На секој почеток
луѓето се враќаат
тука во ова
квадратче --> []


Пепел и дијаманти
според истоимениот филм на Анджеј Вајда

Таа рече:
никој не умира така.
Тој почна
да си ја чеша
левата
страна
од главата,
а потоа
продолжи
сe до долу.
потоа умре.

Набрзо потоа
умре и таа.


Како се слушаат боите?

Постои нешто
што го измачува
оној голем
веќе стар шифоњер,
за кое
тој никогаш не зборува
(што ти е? ништо, ништо...)

тој крцка и патем речено
по цели ноќи не заспива

Само
Понекогаш
длабоко во ноќта
го слушам како офка:
Оф, ја мразам оваа зелена боја,
а потоа мрмори
Можев да бидам и авион

____________________________________________

* •o [] – се прикажани неколкупати зголемени

Следна
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1