Дома
 



Емил Калешковски
 

На автобуската станица

Кога човекот
се симна од автобусот
забележа дека
на главата има огромна
дупка од
која некој му го
украл мозокот.

Сакаше да се
врати,
да го побара
крадецот,
но не можеше
да се сети
на бројот
на автобусот...
...а потоа
му текна
дека
не може да живее
без мозок
и веќе во следниот миг
сe заборави
по што неговото
безживотно тело
пред очите на случајните минувачи
се струполи
на автобуската станица.


Окото

В. тоа старо куче
умре на рацете на Марија

Мајка ù заплака

Првиот човек воздивна
го извади левото око
и ù го подари на мариината мајка

Таа топло се заблагодари
искина неколку листови
од црната книга со жолти букви,
и во нив го завитка
Рече: ќе го чувам

И го чуваше

кога Марија наполни 21 година
се самоуби фрлајќи се од XVII кат

Окото беше даровнo

Мушички, мушички

Човекот (+)
почна да се загушува (+)
Мушички!!! мушички!
беше исполнет
сиот воздух
Некој
рече,
ако му текнеше
да ја извади
светилката
од својот нос
можеби
и ќе
се спасеше

 

Јас, вистинскиот јас

Јас одам наваму
Јас одам натаму
се сретнувам самиот себеси
и си шепнувам нешто
сосема тивко
нечујно
климнувам со главата
и продолжувам; се прашувам:
кој сум јас
и дали некаде пак ќе се сретнам
себеси
мене
јас, вистинскиот јас

 

Во кујната

Додека субјектот
на нашата
опсервација
го цеди лимонот
фрижидерот
му скокнува
од зад грб
и започнува тепачка

Претходна
 
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1