Дома
 



Александар Кирковски
 

Ѕид

7, 6, 42, 36, 2, 9
3, 57, 26, 18, 64, 33,
52, 43, 1, 16, 8, 420, 15,
27, 33, 502, 67, 88, 81, 90,
4, 7, 775, 21, 602,
седум...


Отсуство

Јас.


Присуство

Другите.

 


Новиот век

Новиот век ќе го дочекам
без објавена збирка раскази,
без персонален компјутер со пристап на интернет
без диплома за завршено високо образование
и без сериозна врска.
Новиот век ќе го дочекам
без решение за работен однос
со терапија која не дозволува консумирање алкохол
и без надеж дека ќе го откријам вистинскиот идентитет
на Виктор Батакоја.
Новиот век ќе го дочекам
без партиска книшка
без да го видам Амстердам
со непрочитан Хазарски речник
и без да и се јавам на С.
и да и кажам дека сe уште
го мислам она што сум и го рекол.
Новиот век ќе го дочекам
убеден дека моите долги песни
не почнале да се скусуваат
дека СФ-от не може да ја замени фантастиката,
и дека е во ред што не и се јавувам на С.
Новиот век ќе го дочекам
без десен ретровизор на мојот автомобил,
без наклонетоста на некогашните девојки
упорен во намерата да престанам
со театрално интерпретирање
на сопствените стихови.
Новиот век ќе го дочекам навреден
што нема да го проследам во целост
за да можам по неговото завршување
да дадам неколку зајадливи констатации
како во случајот со неговиот претходник.

Метаморфоза 12

Веќе по миењето на забите
чорапите и се претвараат во морски полжави,
левата дојка во CD ромот
со Космос од Карл Саган,
лактот (десниот) во моите
проблематични набројувања од претходните стихови,
бутовите во легнат полицаец,
косата во решен зенгот
на збирката раскази од...
и конечно нејзиниот љубен поет
се претвора во хиперпродуктивен фригиден поет
кој во ниедна нејзина преобразба
не наоѓа ништо повеќе од зборови.


И. во 21-от век.

Се грижи за одржување на светскиот поредок
за глобализацијата и демократијата
секое утро подготвувајќи му појадок
на својот сопруг –
НАТО – офицер,
Денес ќе се забавам - и вели
ќе спасиме три демократии,
ќе фрлиме 1000 тони бомби,
ќе произведеме 900 авиони,
ќе поддржиме два режима,
стартираме пет мултиетнички општества...


Анализо

Анализо моја со трепки на идеограм
од проект на вселената
додека со шестарот ме прободуваш во слепоочниците
пресоздавајќи го градски ѕид во дојка од скулптурите
на Роден
бетонските блокови се губат меѓу твоите долги прсти.
Анализо моја со грб на хамер
на кој Бог и паднатите ангели играат куцкамен,
додека линијарот го поставуваш на мојот ‘рбет,
Аеродром е сосема исчезнат, а
Ново Лисиче никој не би го препознал,
агенциите јавуваат дека Чикаго се менува.
Анализо моја со вагина со црвена боја
од револуцијата
и од соцреалистичките стамбени квартови
мојот полов орган е дел од
аксонометријата на зградата со лентовидна,спирална
форма
а моите зборови рапидографи
во рацете на архитектурата
на нашата љубов.

Следна
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1