Дома
 



Александар Кирковски
 

Уште еден прекрасен ден со мојата сакана
(уште една сабота со мојата сопруга)

на К.Т.

Секоја сабота веќе рано наутро
во 7 часот ти си подготвена
да ми зборуваш колку ме сакаш
зборуваш дека нашите светови се еден
дека нашата љубов одекнува во увото на космосот
а тој радосно бдее над нашата хармонија
- одлично ти велам и се
обидувам да продолжам да спијам
Ти продолжуваш да зборуваш
и јас знам до кога трае
со оглед на тоа што цврсто спијам.
Повторно будење околу 9,
утринскиот секс, појадокот и
целото претпладне поминува мирно
но пред ручекот во 15 часот
твојата муза ти доаѓа на прозорецот,
и ти повторно нашата комуникација
(поточно твојата) ја претвораш
во поезија и бетониве,
цигливе, во уморениот град
кријат љубов и топлина
од нашите жешки погледи итн.
- одлично душо објави го -
продолжувам да сркам од манџата
твојот ентузијазам е нескршлив
и ти продолжуваш уште многу
долго да го осмислуваш поетски
нашето постоење.
Најпосле огладнуваш и
јадењето како да ти е поважно!
Јас во меѓувреме повраќам, како
не забележав дека цело утро
ми се лоши и...
Јас лежам, ти во 17 часот ќе одиш
кај твојот фризер ќе му се пожалиш
дека немам разбирање за тебе и
дека е крајно време
да си најдеш љубовник...
Се враќаш во 19:30 полна со
енергија и со лирско настроение
арно ама јас веќе сум се
претворил во огромна лебарка,
и ти заклучуваш дека е крајно
време да ги обработиш
Метаморфозите на Овидиј и во твоите
стихови да им дадеш свежина и актуелност.

Констатација

Малите лолити на улиците
курвата во мојот кревет
порнографијата во стихозбирката на премиерот,
фаците во автобусот,
гушнатите момче и девојка,
професорката по социологија,
аспиринот за џумкосана глава
аргументи за констатацијата
целата површина на земјата
треба да се поплочи со бетон и да
се остави само малечко парченце
за ружата на Малиот Принц.


Стравот на младиот вулгарен поет од шеснаесетникот

Пред нејзиниот гол стојат
орди груби центархалфови,
против пешадиски мини,
црни дупки,
квазари,
потплатени судии,
НАТО мировни сили,
љубоморни љубовници,
фраери,
лавови,
витези,
ОБСЕ набљудувачи,
академици,
пазачи,
ОНА,
АНА,
УДБА,
Хашки трибунал...

 

Прошетка

Можноста во 16.00 да го шета кучето станува сосема извесна негде околу 13.00. Помислата што се јавува сосема рано наутро по станувањето од кревет во 7.30 бидува решена да се оствари во 12.59. Прошетката се одвива од 16.00 до 17.15 во градскиот парк. По прошетката во 19.00 е вечерата. Кучето дреме и дури утре во 11.00 е сe уште задоволно. Веќе после 12.00 пред сe од неговото променето однесување, се насетува дека можеби уште утре, овој пат во периодот од 16.00 до 17.00 ќе следува нова прошетка.
Цвилењето на кучето цел ден, особено засилено во 9.30, 14.18, 19.23, 20.25, 2.49, и разговорот со мајка и во 16.20 начнат во телефонскиот разговор воден од 10.46 до 10.51 „после 16.00 сум дома, треба сериозно да разговараме за твојот однос спрема кучето", се работи што вчерашниот ден го детерминира она што денес се случи.

Претходна
 
 
1 2
Hosted by www.Geocities.ws

1