Дома
 


Ѕвонко Танески

Нежен убиец 

Таа не мора ништо да рече
кога влегува во синото око
во еден неизмерен простор
и неповикано време

Таа не мора ништо да рече
кога сенките се бркаат во воздухот
во молкот вгнездени

Ќе кинисам зашто имам наумено
да влезам во земја
со чувство на мирис на лишај
кога јазикот се помрднува
а јас би го лизнал

Кога јазикот се помрднува
јас би го лизнал
целиот мој живот единствен
скржавиот создател што ми го подарил

Не измислувам ништо
песната е во мене
отворам уста и зборовите одекнуваат
и тивко шумот им замира во лисјето

Тивко замира во лисјето
простоумно доаѓаат старци налик на дрвја

Таа не мора ништо да рече
рацете кога ги подава
планината до нас да ја доближи

Зборовите макотрпно во мене ги барам

Таа не мора ништо да рече
на улицата празна
мртвите со здив соништа плетат
ова парче хартија е што и оган


Отпечатоци, траги

Кога исчезнуваат маглите
каменот отфрлен без душа посакува да пее
во човекот се таи пајак
бунарот стар со брада е
пладнето ја бара својата сенка во уплав тропајќи
телото ме гушка силно
нечујно заминува како чад
Јас бегам со векови

Векот свикнал да го посетува козметичкиот салон
да го ѕирка свето под здолниште
и да сади дрвја по небото

Се котат ѕверови и птици
со ребра истенчени како пипала од стоногалка
со насмевки како штрекање од кибрит

Живите се сокриваат и само земјата зборува за нив
дрвото чекори по земјата
мравките се сведоци на испилувањето на светот
но чука уште длабокоземниот часовник


Дамнешен слух

Се насобраа плитки коридори
настрана застанаа срцеви комори
на изурнати авении

прибраа патем римски столбови
среде двострана арена
и мошти од грчко потекло

Направија картонијада

Тогаш множество од ери
довлечкаа во Антички триаголник Артови и Антики
по гнили безистени да судат

Реми

Тлејач на жарје
(со посвета на Ѕевс)

Го победивте ли земниот живот
ја измамивте ли темнината
во темниот декор со сурови лица?!

Ах, мракот ве гони
ќе се прегази ли жарта
во еден круг
во еден друг
живот да се влезе
со грстови леб да се фрла по одмаздата

О, веќе вие ненаситно напред со смрзнати нозе
во денот што ќе пливне
од стеблото на мозокот
напред преку Мостовите
оние со ангелски бубрези
што ве носеа по изложбите
на заложбите
по рожбите
Зенитуууууууу
за вас уживаат мртвите
кренати со сенките катраносани
окапани
натрупани
разденети
така и почнуваат од нулата на смртта
во броење на животот
Продолжен
Таму каде сте порив
жарот ве гори
и падот
и адот
и гадот

Ах, мракот уште ве гони
двајца не сокри
црн
во трн
чадот црнее
трнее ли?!


Срт

IX
Небо телесно, скалило си во ходникот,
во таванот од собата,
вопокривот на сопствената куќа,
во семоќната освојувачка збревтаност,
во рацете неприбрани,
сокриени,
сведени на дефиниција,
созреани решително,
недораснати во недораснато време,
таму седнати,
однесени,
пренесени,
запаметени,
слушнати од јами:

„Пеколот е за нас модерен живот, секогаш, овде",

знам, сите се избезумени,
во недофат се,
нe наведуваат на пат чистителен,
прогледан со други очи – свежина што прима,
што впива сноп светлосен

Пештерци!
Пештерци!
Пештерци!

***
Да се скова,
да се гони,
да се лови,
штедро да се дарува
легната мисла,
дар и мисла,
(два члена што тежок напор меѓусебно трпат),
во јазичен,
во жалбен,
во лабараториски немир, -
во големата извидница,
во монументалното торзо

Кој ја знае вистината?

реалтивизираната, имено,
жедната за сон,
ѕвонливо обзорената,
заплашената од чудната болест што ù се приближува
разгласено,
неотповикливо,
но затајувачки

Hosted by www.Geocities.ws

1